Во неделата ракометарките на „Вардар“ го одиграа својот последен натпревар за овој клуб. Иако го освоија Купот на Македонија, сепак, девојките не можеа да ја сокријат тагата, оти речиси сите си одат од клубот зардаи кој секогаш беа полни трибините на салата „Јане Сандански“. Емоциите не ги криеше ниту голманката Амандин Лејно – Дуду. Таа последните пет години беше чувар на мрежата на голот на „Вардар“. Низ сите овие години, вели, Скопје и „Вардар“ ѝ прираснале при срце и сега најтешкото ѝ е да си замине оттука.
„Тажна сум што клубот ќе престане да постои во овој состав. Да можев, би останала тука и следната сезона. Мислам дека ниедна девојка не сака да си замине од ‘Вардар’. Чудно ми е што знам дека следната сезона нема да се вратам во Скопје, што нема да ги видам сите“, рече француската репрезентативка во разговор за „Репортер“, која заминува да игра за клубот „Ѓер“.
Амандин ни раскажа дека за земјава ја врзуваат многу спомени. Дел од нив се врзани за нејзините две деца, синот и ќерката, кои се родени во Скопје.
„Еден ден ќе се вратиме во Македонија. Тие мора да видат каде се родени. Тоа е дел од нивната приказна и дел од мојот живот“, вели Лејно.
Лејно следната сезона ќе брани за унгарски „Ѓер“, екипата од која варадарки загубија во финалето во Лигата на шампионите. Вели, не ѝ е голема утеха тоа што ја доби наградата за најдобар играч на турнирот.
„Горда сум на тоа што го направивме со ‘Вардар’ и како се боревме. Беше одлично финале, во прашање беше само еден гол. Ако можам да ја заменам наградата за најдобар играч за победата на ‘Вардар’ во Лигата на шампионите, не би размислувала ни секунда“, ни раскажа таа.
Како голман на француската репрезентација, Лајно, го освои златото на последното Светско првенство. Во кариерата има и две сребра од светските првенства, а има и сребро од Олимпијадата во Рио и бронза од Европско првенство во ракомет.
„Следната година во декември Европското првенство ќе се одржи во Франција. Моја голема желба е да победиме дома. Салите ќе бидат полни, ние сме светски шампиони и се надевам дека ќе бидеме најдобри“, додава голманката на „Вардар“.
Андријана Јовановска