Кога пред повеќе од 20 години Горан Пандев ја почнал кариерата, не ни помислувал дека еден ден ќе биде меѓу најдобрите македонски фудбалери, уште помалку, пак, дека ќе игра во некој од престижните фудбалски клубови во Европа. Во тоа време фудбалот му бил само забава. Вели наместо да учи, сакал да игра топка на улица со другарите. Од топката на улица до „Интер“, не било лесно.
„Мајка ми ме караше, ми викаше, доста со фудбал, земај книга. А мене, на 15 години, кога почнав да играм во првиот тим на ‘Беласица’, само фудбалот ми беше на памет. Тогаш на еден турнир ме видоа луѓето од ‘Интер’ и полека почна да се остварува мојот фудбалски сон“, вака ја започнува својата приказна Пандев.
Таткото на три деца, синот Филипо и ќерките Ана и Софија, признава дека не е едноставно да се гледаат децата и да се гради кариерата, но и дека ако не била сопругата Надица, тешко ќе успеел во сето ова.
За тоа како се вљубил во Надица и дали таа го следи во секој чекор, дали тој ѝ помага околу децата, како тие реагираат кога фановите го застануваат популарниот татко на улица, Пандев има своја приказна.
Но, и за проблемите по дома оти не сакал да учи туку да игра фудбал, за односот со брат му Сашко, за детството во Струмица, родителите, зошто Турција беше најголемата грешка, кога ќе ја заврши кариерата… гледајте го видеото.
Андријана Јовановска