Сите што плукаа по Евровизија после бараа да учествуваме

Евровизиската песна Lost and Found е скоро готова, а подготовките за настапот на Ај Кју во Лисабон наголемо течат.  Веќе се размислува за сценскиот настап и за целокупното претставување на македонскиот бенд.

„До 10 март во ЕБУ треба да ги доставиме сите финални материјали, матрицата, вокалот, инструменталот, спотот, план за нашиот настап на сцена. Ова е фаза кога 2.500 луѓе сакаат да им дадеме информација за сè, од песната па до бројот на шноли во косата на Марија“, раскажа во видео-интервју за „Репортер“ Мери Попова, шеф на македонската евровизиска делегација.

Мери Попова

Таа раскажа и за случувањата во ноември лани, кога не се знаеше дали Македонија ќе пее на „Евровизија“ заради долговите на Македонската телевизија кон ЕБУ.

„Тоа беа долгови кон ЕБУ, не долгови за ‘Евровизија’. Ама тоа беше и одличен тест за сите, оти во краток период сите тие што најмногу ‘плукаа’ против ‘Евровизија’, почнаа да пишуваат дека е жално што нема да учествуваме на најголемото и најпрестижно музичко натпреварување во Европа“, рече Попова.

Песната на Ај кју беше избрана меѓу 382 пристигнати песни на јавниот повик на МРТ. Од нив само триесетина беа од македонски автори.

„Кога ми се јави Мери, бев во неверување. Марија, од друга страна, скокаше од среќа“, ни рече Бојан Трајковски, авторот на победничката песна.

Марија Ивановска, пејачката на Ај кју вели дека со нетрпение чека да заминат на Евровизија.

„Песната ја снимивме 4-5 дена пред затворањето на конкурсот. Многу ми се допадна уште на првото слушање“, рече таа во интервјуто.

Додаде дека се чувствува подготвена за настапот во Лисабон.

„По победата пред две години на ‘Скопски’ со ‘Убава’ имавме многу настапи. Мислам дека многу созреав како пејач. Адреналинот расте. Од моментот кога дознав за ‘Евровизија’, во себе си повторувам дека не е важно дали ќе настапувам пред илјада луѓе или пред милион. Ама, едвај чекам“, раскажа таа.

Бојан и Марија

Рекоа, честитка за победата од колегите добиле само од ланската претставничка, Јана Бурческа.

„Можеби чекаат да ја слушнат песната прво. Или да победиме“, низ смеа додаде Бојан.

Тој вели дека песната е при крај, па наскоро ќе ја промовираат Lost and Found.

„Ме интересираат реакциите на публиката“, вели тој.

Досега слушнале петнаесетина песни што ќе се пеат во Лисабон, а засега само швајцарската им е по ќеф.

„Одиме со позитивни мисли, да се забавуваме“, рече Бојан.

Андријана Јовановска

Scroll to Top