Рускиот ракометар Тимур Дибиров, веќе шест години игра во „Вардар“. Тој беше меѓу првите странци што дојдоа во клубот. Вели, ќе биде еден од последните што ќе си заминат ако „Вардар“ не биде на истото ниво како и досега. Со црвено-црните освои многу титули, Лигата на шампионите во 2017 и четири пати Сеха лигата. Сето ова, заедно со публиката што го бодри на цел глас од првиот натпревар што го играл во Скопје, па се до последниот кога пред еден месец преку 6000 фанови го извикуваа неговото име, прави Тимур да не сака да си оди од Македонија.
„Повеќе од 20 години играм ракомет, и на Олимпијада и на Светски првенства, ама таква љубов почувствував само во Скопје, со нашите навивачи. Таква еуфорија, енергија ретко кој играч доживува во кариерата. Не сакам да размислувам дека може да си одам од Скопје. По мечот со ‘Пик Сегет’ ги гледав соиграчите како плачат, а јас немав солзи зашто уште се надевам дека не е готово и дека ќе останеме во ‘Вардар’ и следната сезона. Имам верба“, рече Тимур со многу емоции.
Кога зборува за животот во Македонија, за навивачите, за клубот и пријателите, гласот му затреперува. Неговата ќерка Тиана е родена во Скопје, а синот Мурад израсна тука. Емотивен е и кога зборува за сопругата, Ирина Полторацкаја, една од најдобрите руски ракометарки, но за неа зборува со многу радост и љубов. Низ смеа вели дека не знае што си мислел кога собрал храброст да ја покани да излезат.
„Имав трема кога ја викнав на прв состанок. Таа беше успешна ракометарка, веќе имаше титула светски шампион. Јас бев на почетокот на кариерата. И додека седевме во ресторанот ми требаа 7 минути да сфатам дека сакам да се оженам со неа, таа да биде мајка на моите деца“, искрен е Дибиров.
За детството во Русија, за животот во сиромашно семејство, за тоа како почнал да игра ракомет, за љубовта, бракот, децата, за најдобрите навивачи и за најдобриот клуб „Вардар“, како што вели тој, гледајте го видеото.
Андријана Јовановска