Жално е што одбојката кај нас е спорт од втор ранг

By

Македонскиот одбојкар Марко Стошиќ, член на клубот „Грац“ од Австрија и на македонската репрезентација, во интервју за „Репортер“ со жалење раскажа дека одбојката во Македонија е спорт од втор ранг. Секаде во светот, вели тој, постојат големи клубови и многубројни навивачи на овој спорт.

„Имав среќа кога почнував да играм зашто ‘Работнички фершпед’ беше гигант. На мои 15 години не бев тринаесетто прасе во екипата, туку дванаесеттиот рамноправен член“, вели Марко, кој игра на позицијата техничар.

Тој е еден од неколкуте македонски одбојкари што градат успешна кариера надвор од земјава. На 18 години заминал во Катар, по четири години се преселил во Словенија, а од лани игра во Австрија.

„Катар беше многу голем предизвик за мене. Бев тинејџер од ’Корчагин’ кој од школска клупа седна на авион и замина да игра во ’Ал Вахра’. Никогаш нема да го заборавам културниот шок што го доживеав првиот ден кога пристигнав таму.  Во екипата од 12 играчи имаше момци од пет континенти и тренер од Египет. Сите тренери ни беа од Египет“, вели тој.

Марко со македонската репрезентација неколку години се натпреварува во Европската лига. Нивната цел е да победат на ова натпреварување и да настапуваат во Светската лига, каде што игра елитата на овој спорт. Лани, трета година по ред, го освоија второто место, па разочарани од поразот во финалето решија да поминат под портата „Македонија“. Потоа, самите заиграа оро покрај фонтаната „Воинот на коњ“.

„Социјалните мрежи малку погрешно го претставија тоа што се случи. Нам тоа не ни беше намерата. Кога бевме поразени во финалето, бевме многу разочарани, владееше токсична атмосфера во екипата. Во еден момент некој рече, ајде да поминеме под портата. И потоа се појавија фотографиите и приказната дека самите сме си организирале пречек оти никој не сакал. Не го споредувавме тоа воопшто со успехот на ‘Вардар’,“ ни рече Марко.

Негова желба е репрезентацијата во одбојка да заигра во Светската лига, а тој да заигра во некој клуб во француската лига.

Андријана Јовановска

 

Ќе ви се допадне