Алексеј Навални го отруле луѓето од неговото опкружување

Труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, најверојатно, е организирано од неговото најблиско опкружување, тврди хемискиот научник Владимир Угљев за „Взгљад“.

Тој во советското време се занимавал со развој на хемиско оружје, вклучувајќи го и она во групата на воени отрови новичок.

Според него, ако отровот се стави во храната или водата, би настрадала една личност, но ако се нанесе на површината на некој предмет, би настрадале најмалку двајца или тројца.

„Ако отровот го ставите на шише, која е гаранцијата дека истото нема да го земе некој друг кој е со Навални во собата“, прашува научникот.

Ако Навални навистина го отруле, тогаш предметот со отров морале да му го дадат директно во рацете, тврди Угљев.

„Мислам дека некој му го ставил отровот на некаков предмет и директно му го дал на Навални во раце. Тој не би зел предмет од некој кој не го познава, а во овој случај го земал“, објаснува научникот.

Угљев додава дека знаците на труење веднаш би биле видливи ако отровот стигнал до организмот низ белите дробови или преку храната, но не и во случај ако е внесен преку кожата. Во тој случај, знаците на труење би се покажале по неколку часа.

„Само многу блиска личност би можела да ја нанесе супстанцата на неговата рака или да му го даде предметот директно на него“, смета научникот.

Според негово мислење, трагите од новичок би можеле да останат на шишето со вода, откако Навални го зел во раце.

Тој смета дека малку е веројатно труењето на Навални да се случило на аеродромот, затоа што во тој случај би имало голем број жртви.

Угљев вели дека се обидел да стапи во контакт со лицата од неговото опкружување, за да го добие нивното мислење, но тие одбиле да разговараат со него.

Хемичарот тврди дека неговите заклучоци се крајно неповолни за персоналот од блиското опкружување на Навални.

Претходно, на инстаграм-профилот на Навални е соопштено дека отровот новичок, со кој е отруен рускиот опозиционер, бил пронајден на едно од шишињата со вода, во неговата хотелска соба во градот Томск.

Исто така е наведено дека вработените во Фондот за борба против корупцијата, чиј основач е Навални, откриле за неговата хоспитализација, повикале адвокат, а потоа отишле во хотелската соба во која Навални престојувал и почнале да ги пакуваат доказите кои таму ги нашле.

Scroll to Top