Атентаторот на Тито, Никола Каваја, отруен во ресторан во Белград

Србинот Никола Каваја бил човекот кој во неколку наврати се обидел да го отруе поранешниот лидер на Југославија, Јосип Броз Тито. За тоа кој ја нарачал неговата смрт постојат голем број теории на заговор, пишува српски „Курир“.

Последно што се знае, а го тврди неговиот близок пријател Никодиј Митровиќ, е дека Каваја бил отруен во ресторан во Белград каде што често одел да вечера. Митровиќ  вели дека Каваја последните пензионерски години од животот ги минал во српската метропола и дека многу бил склон на чашката ракија.

„Кавај беше љубител на ракија. Таа вечер тој испи малку повеќе од вообичаено. Подоцна се пожали на тешкотии во стомакот. Кога го вративме во станот во Белград, целиот беше ладен. Беше отруен“, велат пријатели на Каваја.

„Никола Каваја, атентаторот на Тито, лично го запознав кога се вратив во Белград. Додека беше во затвор во Америка во повеќе наврати се слушнавме преку телефон. Неговиот брат имаше син кој беше поручник во  југословенската војска и имаше стан во Нов Белград. Кога Американците го ослободија од затвор, тие се обидоа да го вратат во Југославија. Го однеле во Лондон со лисици на рацете и сакале да го внесат во Југославија со авион на ЈАТ. Пилотот  не смеел да полета затоа што од Белград му рекле дека не смее да го прими Каваја во авионот. Каваја  го вратиле во затвор во Америка, а по два-три месеца повторно се обиделе да го внесат во Југославија. Во вториот обид го однеле во Атина, од каде маскиран како стјуард Каваја успеал да стигне во Белград“, вели Митровиќ.

„Таму го следеа двајца американски полицајци со потекло од Србија и го однесоа во домот на неговиот син. Синот пријавил дека станува збор за негов чичко. Каваја минал две-три години во станот. Сите знаеја кој е, но не му дозволија да го легализира својот престој во Белград. Не му дадоа ниту лична карта. Во повеќе наврати се пишуваше за него, а беше дури и на телевизија. Официјално, Каваја никогаш не престојувал во Србија. Потоа заминал во Сараево и добил пасош од Радован Караџиќ, со кој можел да патува во Загреб, од каде што ја земал пензијата.

Во американските затвори добиваш плата ако работиш. Каваја собрал вкупно 40 000 долари и тоа била таа пензија што  ја добивал преку Загреб, а не Белград. Тој морал секој месец од Босна да оди во Загреб за да ја подигне пензијата. Во тоа време во Белград на власт бил Вук Драшковиќ. Тој му подарил стан во српската метропола.

„Никола Каваја  го отруја во 2008 година. Тој се хранеше во еден ресторан во Белград. Во последно време почна да пие и сите знаеја дека последната вечер испи повеќе од вообичаено. Наеднаш почна да се жали дека не му е добро и дека му е мака. Кога го донесовме во станот, почна да се лади. Сигурно келнерот му ставил нешто во ракијата. Негова желба  беше да биде погребан во Ловќен. Тој е Црногорец од Пеќ. Вук Драшковиќ среди телото да биде однесено во Ловќен со погребна кола“, вели Митровиќ.

Каваја е Србин кој потекнува од Црна Гора. Роден е во 1932 година во Пеќ. Каваја е најпознатиот атентатор на Тито. Од 1957 година до 1971 година, како што самиот тврди, бил регрутиран од страна на Американците. Тој вели дека бил подготвен да го даде својот живот во  борба против комунизмот. Бил во акции во Југославија, Куба и во СССР.

„Зад акциите стоеја Американците, кои нè поддржуваа. Имав три обиди да извршам атентат врз Тито“, вели Каваја.

Каваја имал завршено пилотска академија и бил активен пилот потпоручник на почетокот на педесеттите години од минатиот век. Припаѓал, како што сведочел, на тајна организација составена од офицерски кадри на ЈНА. Во таа организација имало 92 активни офицери и подофицери.

Каваја го памети обидот за атентат што требало да го изврши со киднапирање авион. Тој на 20 јуни 1979 година успеал да внесе две бомби на летот Њујорк – Чикаго. Се заканил дека ќе го дигне авионот во воздух.

Од американските власти побарал неговиот другар Стоилко Кајевиќ да биде ослободен од затвор. Каваја имал план еден од нив двајца да се врати во Белград и да го сруши седиштето на СКЈ.

На аеродромот во Чикаго, Каваја ги ослободил патниците и сите членови на екипажот, освен пилотот, копилотот и еден детектив. Кајаевиќ сепак одбил да биде ослободен. Потоа пилотот го однел Каваја во Ирска. Ирските власти веднаш го испорачале Каваја во САД. Во Америка Каваја бил осуден на 40 години робија.

Во затвор минал 18 години, од 1979 година до 1997 година, кога бил пуштен на условна слобода. ТВ-каналот „Хистори“ го означил како трет на листата најуспешни терористи во целиот свет.

„Мојата работа беше собирање  податоци од Источна Европа, зад ‘железната завеса’. За Тито можам да кажам дека беше еден од најголемите криминалци кои сум ги познавал“, изјавил Каваја, кој не криел дека бил член на Легија на странците.

Каваја рекол дека  Тито бил единствениот кој не користел автомобили. Тој бил првиот човек кој користел хеликоптер за време на посетата на Америка.

 

 

 

 

Scroll to Top