Белоруски авион повеќе од два часа кружеше во воздухот поради забраната за влез во ЕУ

Откако Европската Унија ги забрани сите прелети од Белорусија, авион на белоруската национална авиокомпанија „Белавија“ беше принуден да кружи во воздушниот простор на земјата повеќе од два часа. На крајот локалните воздухопловни власти му дозволија да се врати во Минск.

Авионот беше принуден да лета два часа во просторот на Белорусија, поради санкциите кои Брисел и ги наметна на Белорусја, за неодамнешното присилно приземјување на авионот „Рајнер“.

Во тој авион леташе опозицискиот новинар Роман Протасевич, кој потоа беше уапсен во Минск.

Авионот на „Белавија“ требаше да лета за Барселона, но, графиката на сајтот flightradar 24, покажува дека тој не стигнал ни до воздишниот простор на Полска. Кружењето во воздушниот простор над Белорусија траело повеќе од два часа, пред да се врати назад во Минск.

Претходно западните земји ја посочија Белорусија како директен виновник за киднапирањето на авионот кој во неделата леташе од Атина за Вилнус, помеѓу две земји членки на Шенген зоната.

Меѓу 126-те патници беа и Протасевич и неговата девојка. Авионот беше пренасочен и приземјен поради наводна закана дека во него има бомба. Брисел на ова реагираше со нови санкции, па им забрани на белоруските авиокомпании да летаат кон ЕУ.

И Велика Британија се приклучи на ваквите санкции, а во исто време се приклучија и голем број авиокомпании од Европа и светот.

Scroll to Top