Британска двојка мистериозно умрела во хотел во Египет

Ќерката на Џон и Сузан Купер, британската двојка која почина за време на одмор во Египет, тврди дека телата на нејзините родители се испратени дома, но без некои од нивните органи.

Џон (69) и неговата сопруга Сузан (63) умреле во август во хотел во Хургада на Црвеното Море. Египетските власти навеле дека двојката починала од ешерихија во хотелот „Зајгенбергер аква меџик“.

Обдукцијата во Велика Британија била сметана за недоволна и минатиот месец била покрената истражна постапка. Ќерката Кели Ормерод (40) го критикувала одложувањето на тестирањето во Велика Британија и навела дека на нејзините родители им недостасувале некои органи.

„Мислам дека на моите родители им недосастуваат делови од телото, но засега не можам да добијам одговори“, изјавила Кели.

Семејството Купер кое потекнувало од Ланкашир, заминале на патување кое го организирала агенцијата „Томас Кук“. Нивниот заеднички погреб е одржан во септември. Ќерката и претходно изјавила дека нема доверба во властите во Египет.

„Наведена сум да верувам дека некои од нивните органи недостасуваат. Чувствувам дека случајот е заташкан“, вели Кели.

Во медиумите е објавен уште еден случај со еден Британец, Дејвид Хамшир, на кого му биле украдени бубрезите и срцето, пред телото да му биде вратено во Велика Британија. Тој починал на 62-годишна возраст, откако во базенот си играл со внуците во истиот регион.

Британскиот истражител наредил втора обдукција, која исто така утврдила дека некои од органите недостастуваат. По петчасовното интервју, семејството навело дека аутопсијата е извршена против нивната волја. Портпаролката на Министерството за надворешни работи тврди дека се прават сите напори за да  му се помогне на семејството Купер.

Извор од британската амбасада во Египет наведува дека е логично властите да ги отстраниле органите за да можат да ги тестираат.

Scroll to Top