Во трезорот на ФБИ со документи, кој е еден од најчуваните во светот, се наоѓаат вредни документи со назнака „доверливо“. Во нивната база можат да се најдат информации за обични луѓе, ѕвезди, политичари или за сите оние чие внимание е вредно да се забележи. Таквите документи стануваат јавни најчесто по смртта на лицето. Меѓу оние за кои постојат документи е и популарниот Бигфут, мистериозно суштество за кое многумина веруваат дека постои, а други мислат дека е мит.
Многумина сметаат дека ова суштество е мртво. Се работи за големо суштество кое наликува на мајмун, кое наводно талка низ дивината во САД и Канада, особено во делот кај езерата и планините. Најчестите сведоштва се дека било забележано во северозападниот и јужниот дел на Америка. Со децении луѓето тврделе дека го забележале како шета низ шумите. Овој получовек, полумајмун, или мечка има толку обожаватели ширум светот, што дури и самата американска влада почнала да трага по него.
Во официјалните записи, во повеќето документи во периодот од 1976 година до 1977 година можат да се забележи коресподенција меѓу информативниот центар Бигфут и одделението за научна и техничка услуга на ФБИ. Во еден од тие документи се јавува и името на директорот на Питер Бирн, кој побарал од ФБИ да го информираат дали ги анализирале влакната за кои се сомневале дека можеби му припаѓаат на Бигфут.
Бирн напоменал дека нема намера нивното истражување и материјалот кој го имаат да го поврзе бирото со неговата агенција, ниту, пак, во јавноста да потврди дека Бигфут навистина постои.
„Не наоѓаме често влакна кои можеме да ги идентификуваме. Во моментов имаме коса, односно 15 влакна кои се закачени на мали парчиња коса. Првите кои ги имаме пронајдено ги сметаме за важни. Ги имаме пронајдено во изминативе шест години“, напишал Бирн во 1976 година.
Во одговорот кој го добил од ФБИ му било пишано дека нивната лабораторија првенствено спроведува истрага за правосудни тела во врска со криминални истражувања. По неколку медиумски натписи, сепак на крајот се согласиле да ги анализираат влакната. По неколку месеци, ФБИ му ги доставил резултатите на Бирн и на организацијата која го поддржала тоа истражување. Се покажало дека Бигфут бил измама.
„Заклучокот по тие анализи покажува дека ова влакно потекнува од елен“, напишал ФБИ и на тој начин ги срушил сништата и фантазиите на сите оние кои сметаат дека легендата за мистериозното суштество е вистинита. Тоа сепак не значи дека случајот е затворен. Можеби ваквиот трик на ФБИ е да ги насочи сите оние кои трагаат по суштеството на погрешен правец, сметаат некои од тероретичарите на заговор.