Каде е вистинскиот Ким, кој го убил Кенеди и за што Буш ја ангажирал Бритни Спирс

Неверојатни теории на заговор, настануваат по исчезнувањето, смртта, па и некаква мала промена на физичкиот изглед, на некои од водечките светски политичари или познати личности. За некои од нив, може да се каже дека имаат прилично добра основа, додека за голем број од нив, и тоа како може да се каже дека се бизарни.

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, не се појави во јавност 20 дена. Првите сомнежи дека со него нешто се случува, се јавија на 15. април, кога тој не се појави на одбележувањето на роденденот на неговиот дедо Ким Ли Сунг. Иако некои тврдеа дека Ким не е повеќе меѓу живите, деспотот се појави во јавност жив пред две недели.

Сепак неговата појава, предизвика бројни сомнежи. Ким се појави на отворањето на фабриката за ѓубриво во Пјонгјанг, а потоа со невидена брзина почнаа и теориите дека станува збор за негов двојник. Приказната за двојникот не е нова. Севернокорејскиот лидер, не е исклучок кога станува збор за ваквите теории на заговор.

Кој е овој човек?

Ким Џонг Ун на 1. мај отвори фабрика за ѓубриво во Пјонгјанг. Државните медиуми објавија негови фотографии и игрите можеа да почнат. Социјалните мрежи, за само неколку часа, беа преплавени со зумирани фотографии од забите на севернокорејскиот лидер. Беа зумирани и неговите уши, кои ги споредуваа со оние од претходно.

Гласините ги подгреа и снимката која настана во јули 2017 година, а на неа се гледа како лидерот разговара со луѓето додека тој им ја покажува новата ракета. Се чини дека сите се со иста висина, идентични фризури, а изгледа и дека носат исто одело како и Ким.

Сè ова се сведува на ниво на шпекулации, иако и понатаму не се знае точната локација на Ким и каде севернокорејскиот лидер, тие 20 дена го поминал своето време.

Мајка на сите теории на заговор

Можеби најголемиот број на теории на заговор, ја следат смртта на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди. Според поедини проценки, за неговото убиство напишани се најмалку 1000 книги. 90% од нив, поддржуваат некоја од теориите кои се шират во јавноста. Како резултат на тоа, убиството кое го шокираше светот, е наречено „мајка на сите теории на заговор“.

Безброј поединци и организации стојат во позадина, зад овој злостор, вклучувајќи ги и ЦИА, мафијата, тогашниот потпретседател Линдон Б. Џонсон, кубанскиот премиер Фидел Кастро, КГБ, па дури и комбинација на некои од нив.

Се смета дека американската федерална влада, намерно ги крие одредени круцијални информации, со цел да го спречи откривањето на вистината.

Мартин Лутер Кинг е убиен во Мемфис, но…

Мартин Лутер Кинг Јуниор на 4. април 1968 година, искочил на својата тераса, во мотелот во Мемфис во Тенеси, каде е застрелан. Тој починал на 39. годишна возраст. Година дена подоцна, убиецот Џејмс Ерл Реј е уапсен и прогласен за виновен. Сепак, до ден денес, дури и децата на Реј, не сметаат дека нивниот татко делувал сам.

Постојат убедувања дека во убиството на Кинг, биле вмешани ФБИ, или пак Ку Клукс Клан, и дека Реј едноставно бил наместен. Од Министерството за правда на САД, го истражиле случајот во три различни наврати. Во една од истрагите, заклучено е дека можеби постојат заговори, но дека не постојат цврсти докази за тоа.

„Убиството“ на принцезата Дајана 

Теоријата за која веројатно повеќето слушнале, се однесува на трагичната смрт на принцезата Дајана. Во катастрофалната сообраќајна несреќа, која се случи на 31. август 1997 година, принцезата го изгуби својот живот, но тогаш почнале да живеат теориите, кои до ден денес постојат.

За некои луѓе, тоа што се случило таа ноќ во Париз, не е трагична несреќа, туку резултат на опсежен план, кој во дело го спровеле тајни агенти и самата држава Британија. Постојат околу 175 теории на заговор, за тоа што точно се случило таа вечер. Повеќето од нив тврдат дека некој посакувал да ја види Дајана мртва.

„Индипендент“, пишува дека постојат најмалку осум причини пораид кои луѓето веруваат во ваквите теории, а меѓу нив се и оние дека Дајана била бремена, што нималку не му одговарало на кралското британско семејство. Дури и самата Дајана, верувала дека нешто страшно ќе ѝ се случи.

Една од теориите на заговор, е дека, автомобилот со кој се возела Дајана, не бил исправен и дека папараците се виновни за сударот.

Каде е вистинската Аврил Лавињ и за што ѝ служела на Бритни Спирс?

Освен големиот број на теории на заговор, постојат и такви кои се прилично бизарни и без никакво покритие. Една од тие теории е прочуената „Пол е мртов“, според која се тврди дека познатиот член на „Битлси“, Пол Мекартни, загинал во сообраќајна несреќа во 1966 година и дека го менува човек по имет Вилијам Ширс Кембел.

Дури е наведено дека, групата оставила одредени траги во некои од нивните песни.

Некои фанови тврдат и дека пејачката Аврил Лавињ не е повеќе меѓу живите. Тврдат, дека таа умрела во екот на својата популарност и дека ја менува девојка со име Мелиса, која многу личи на неа.

Теории за двојници постојат и кога станува збор за првата дама на САД, Меланија Трамп

Се разбира, тука се и тие теории за кои сигурно слушнал секој од нас. Смртта на Елвис Присли е лажирана, а Адолф Хитлер не извршил самоубиство, туку побегнал во Јужна Америка.

Можеби една од најинтересните теории се однесува на пејачката Бритни Спирс. Според оваа теорија на заговор, Спирс била само платеник на Белата куќа и секој пат кога Џорџ Буш помладиот нешто ќе погрешел, Бритни морала да направи поголем скандал, за да се заборави делото на претседателот. На пример, Спирс и Кевин Федерлајн, на 6 ноември 2007 година објавија дека се разделуваат, ден пред клучните избори во САД.

 

 

 

Scroll to Top