Мистериозни дупки откриени околу Стоунхенџ

Научниците во изминатиот период интензивно работат на проучување на мистериозните јами и дупки што се појавија во еден од најпознатите мегалитски споменици Стоунхенџ.

Ова место го изградиле доселеници кои ги влечеле камењата преку половина Британија. Археолошките истражувања направени во негова близина, околу целата таа камена структура, открија скриена мрежа од големи јами. 

Секоја од јамите е широка околу 2,4 метри, а за некои од нив се смета дека биле направени пред илјадници години. За што биле користени овие дупки, засега на научниците не им е познато, но велат дека сигурно имале некаква практична функција.

Тие се сомневаат дека на некој начин јамите се поврзани со долготрајната церемонијална структура на Стоунхенџ. Биле откриени и други антички јами, во близина на паркингот на стариот центар за посетители, за кои научниците велат дека датираат од 8 000 години пред нашата ера.

Самиот Стоунхенџ бил изграден пред приближно 5 000 години, пренесува Science Alert. 

„Со комбинација на новите техники за геофизичко истражување и нивно користење во процесот на копање и стигање до самото јадро во дупката, научниците дојдоа до некои од најраните докази за човечка активност во пределот на Стоунхенџ“, рече археологот Ник Снајшел.

„Откривањето на најголемите познати раномезолитички јами во северозападна Европа покажува дека ова е посебно место за заедницата на ловци собирачи, илјадници години пред да се подигнат првите камења“, додаде тој.

Праисториските наоѓалишта се вообичаени археолошки структури во Велика Британија и северозападна Европа, но обично не се пошироки или подлабоки од еден метар. Јамите од 2,4 метри ширина се многу ретки, но околу Стоунхенџ се чини дека се невообичаено чести.

Во неодамнешното истражување на Стоунхенџ геофизичките сензори и директните археолошки истражувања откриле 415 големи јами на површина од 2,5 квадратни километри. Кога истражувачите успеале да ископаат девет такви јами, за шест е утврдено дека ги направил човек.

За две се смета дека биле природни појави, а една била земјоделско наоѓалиште. Најстарата и најголема јама била широка повеќе од три метри и длабока 1,85 метри.

„Она што го гледаме не е снимка на еден момент во времето. Трагите кои ги гледаме во нашите податоци, опфаќаат период од илјада години. Периодот од најстарата и најновата праисториска јама е 7 000 години“, рече Пол Гарвуд од Универзитетот во Бирмингем.

Можноста на сензорската технологија да го скенира пејзажот и да открие потенцијални археолошки локалитети ни дава невиден поглед на праисториските пејзажи. Стоунхенџ е само почеток, велат научниците.

 

Scroll to Top