Научниците во стратосферата снимија мистериозни звуци и немаат објаснување кој е изворот

Балони кои работат на соларен погон кој лебдат 20 километри над земјата забележале невообичаено нискофреквентни сигнали кои засега не можат да се поврзат со ниту еден познат извор.

„Кога пред многу години почнавме да ги пуштаме балоните во стратосферата, не знаевме што сè ќе слушнеме“, рече атмосферскиот научник Даниел Боуман од Институтот Sandia National Laboratories во Ново Мексико.

„Знаеме да препознаеме звуци на експлозија, пад на метеор, авион, грмотевици од бура и град. Но, речиси секој пат кога горе ќе испратиме балони, наидуваме на звуци кои не можеме да ги идентификуваме“, рече Даниел.

Со неговите колеги и со помош на балоните на соларен погон ги мереле инфразвучните сигнали и звуците, кои се со многу ниска фреквенција па луѓето не можат да ги слушнат.

Звуците ги примиле во стратосферата, слојот на Земјината атмосфера кој се простира меѓу мезосферата и тропосферата. Стратосферата во својот долен дел се нарекува уште и озоносфера, а се протега во висина од 10 до 55 километри.

Научниците дизајнирале балони од тенка пластика, широки околу 7 метри и ги наполниле со прав од дрвен јаглен кој се загрева на многу силно сонце и предизвикува лебдење на истите. За период од седум години, експертите во стратосферата имаат испратено повеќе од 50 балони.

За разлика од метеоролошките кои се со краток век на траење, овие балони на соларен погон можат да останат со часови во стратосферата.

Од податоците кои ги имаат собрано досега, се покажало дека стратосферата звучи сосема поинаку од површината на Земјата. На земјата инфразвучните сензори фаќаат сигнали кои ветерот ги носи со себе кон земјата, но балоните лебдат над тие ветрови и забележуваат траги од турбуленција и други делови од атмосферата и инфразвучните звуци на морските бури.

Но, пронашле и сигнали за кои потеклото не им е познато.

„Овие мистериозни сгинали можат да бидат поврзани со типови на атмосферска турбуленција, која никогаш претходно не е забележана. Но, треба да се напомене дека досега многу ретко ги имаме истражувано овие звуци во стратосферата така што е тешко да се изнесат некакви темелни претпоставки“, рече Боуман, а пренесе New Scientist.

Додаде и дека првите истражувања на ваквите видови ги направиле воздухопловните сили на американската војска и дека експериментот се вика Project Mogul и дека се обиделе да откријат инфразвучни сигнали со тестирање на нуклеарно оружје во Советскиот Сојуз во 1940-те години.

Еден од балоните на Project Mogul се срушил во Рузвелт во Ново Мексико, по што јавноста дозна за оваа тајна програма. Поради прикривањето на воените цели на овој проект со балоните, во јавноста почнаа да се шират голем број теории на заговор кои често се поврзувало со вонземјани, односно НЛО.

„Повеќето податоци од подоцнежните експерименти со балоните, кои ги завршиле во шеесетите години од минатиот век биле од доверлива природа“, рече Боуман.

Физичарот Роџер Вакслер од Универзитетот Мисисипи рече дека не е изненаден од откриените тајни инфразвучни сигнали во стратосферата.

„На земјата можете да поставите сензори во низа и точно да знаете каде се наоѓаат во однос еден на друг, што помага во одредувањето на тоа од каде доаѓа инфразвукот. А балоните едноставно патуваат таму каде што патуваат“, рече тој.

 

Scroll to Top