Од што боледува Меркел?

Светските известувачки агенции се тркаат кој прв да дојде до медицинските и здравствени картони на германската канцеларка Ангела Меркел за да откријат што се случува со нејзиното здравје.

И покрај тоа што Меркел тврди дека се чувствува добро и дека нема никакви здравствени проблеми, изминатите денови во јавноста се појавија две снимки на кои канцеларката целата се тресе.

Нејзини соработници тврдат дека Меркел првиот пат се тресела поради дехидрација, а вториот пат нападот се појавил поради психолошки причини.

Германскиот дневник „Билд“ пишува дека оваа приказна не е веродостојна во кругот на светската дипломатија и дека странските тајни служби добиле задача да дојдат до нејзиниот здравствен картон.

Голем број шиони ширум светот се во трка кој прв да дознае од што боледува Меркел. Германски „Билд“ пишува дека здравствениот картон на Меркел се наоѓа под клуч во добро обезбедена воена институција.

„Здравствената состојба на политичарите во Германија се смета за приватен податок и истата е добро чувана тајна од службите. Поради тоа на светските известувачки агенции ќе им биде тешко да откријат што пишува во здравствениот картон на Ангела Меркел“, пишува „Билд“.

Голем број  шефови на држави и влади во светот сакаат да проценат дали Меркел ќе успее да го заврши својот цел мандат, кој би требало да заврши во 2021 година. Светските државници сакаат да бидат сигурни со што се соочува најмоќната жена во Европа и дали е таа способна да ги извршува своите должности.

Исто така ги интересира кој ќе ја замени, ако Меркел не успее да издржи до крајот на мандатот. Дали тоа ќе биде Анегрет Крамп-Каренбауер, која во октомври 2018 година ја наследи нејзината позиција шефица на Христијанско-демократската партија CDU, или тоа ќе биде некој друг, објавува весникот.

Според наводите на „Билд“, сите се согласни дека здравствената состојба на германската канцеларка треба да биде нејзина приватна работа, но молчењето за тоа многумина го толкуваат како јасен знак на слабост и веруваат дека канцеларката нешто крие.

На прашањето на новинарите дали посетила лекар, Меркел одговорила дека немала што да пријави. На инсистирање на одговор, Меркел постојано повторувала „Добро сум, добро сум“.

Од нејзината канцеларија соопштиле дека Меркел е добро и дека не откажала никакви состаноци. Од друга страна критичарите тврдат дека на неодамнешниот самит на G-20 во Јапонија, таа се држела на страна, нешто што е неочекувано за неа. Меркел не се конфротирала ни со Русија, ниту со САД.

Извор/Курир.рс/Билд

Фото/Profimedia, Printscreen YouTube/RT

 

Scroll to Top