Од УЕФА знаеле дека стадионот Хејсел се распаѓа пред финалето 1985

На денешен ден пред 34 години се случи големата фудбалска трагедија на стадионот Хејсел во Белгија, каде се играше финалниот меч во Куп на шампиони меѓу Јувентус и Ливерпул.

Трагедијата се случила кога навивачите на Ливерпул ја пробиле оградата и ги нападнале навивачите на Јувентус. Во несреќата загинале 39 лица. Сите биле Италијани.

Хејсел стадионот кој е изграден во 1930 година бил домаќин на финалето на Купот на европските шампиони во 1959, 1966, 1974. Во 1985 година кога се играл мечот меѓу Ливерпул и Јувентус, стадионот бил во многу лиша состојба. Целиот се распаѓал, а од УЕФА ги предупредиле Ливерпул да не го играат натпреварот на тој стадион.

Се воделе преговори дуелот да се пресели на стадион во Андерлехт, но безуспешно. Ливерпул во 1985 година се наоѓал меѓу европската елита, четрикратен првак на Европа во претходните осум сезони, предводени од Кени Далглиш и Јан Раш.

Јувентус се појави како актуелен победник во Куп на победниците на куповите со Мишел Платини, кој три години по ред бил избран за најдобар европски фудбалер.

На стадионот имало преку 60.000 навивачи, подеднакво Италијани и Англичан, но поради катастрофалната организација, еден дел од навивачите на Јувентус биле сместени во секторот со најжестоки навивачи на Ливерпул.

Англичаните година дена чекале да се одмаздат на Италијаните, поради инцидент од минатата година кој се случил во Рим.

Англичаните година дена подготвувале одмазда

Година дена меѓу англиските навивачи се зборувало и пишувало за одмазда, за она што им го направиле италијанските навивачи во финалето меѓу Ливерпул и Рома. Но, никој не направил ништо за да се спречи потенцијалниот конфликт.

Ливерпул и Рома во 1984 година го играа финалето во европскиот куп, а пред натпреварот неколку навивачи на „римската волчица“ ги нападнале навивачите на Ливепрул на пат кон хотелот.

Брутално претепаните Англичани биле веднаш однесени во болница, а медиумите пишуваа дека нивни пријатели се заколнале дека ќе се одмаздат. Веќе следната година, на 29 мај 1985 година, се случи инцидентот меѓу италијанските и англиските хулигани на мечот меѓу Ливепрул и Јувентус.

Стадионот Хејсел во Белгија, на северозападот од Брисел, по тој ден влезе во листата на најголеми трагедии во историјата на спортот.

Немирите почнале на улиците во Брисел, а продолжиле на стадионот каде фановите фрлале со камења. Голема група од фановите на Ливерпул влегла во делот каде биле навивачите на Јувентус и ги потиснала кон надворешниот ѕид кој попуштил.

Италијанските навивачи од другиот крај на стадионот тргнале да се пресметаат со англиските хулигани, но полицијата им застанала на патот.

Тогаш настанал општ хаос. Носечкиот ѕид каде се наоѓале навивачите на Јувентус паднал, а во незгодата се слушале повредените италијански фанови, кои немоќни во целата ситуација викале по помош.

Но, и покрај несреќата, организаторите дозволиле мечот да се одигра. Подоцна се оправдале дека натпреварот бил продолжен, поради стравот од можни понатамошни нереди.

Црниот биланс на трагедијата бил 39 загинати и 580 повредени навивачи. Натпреварот сепак се одигра со задоцнување од час и половина, а Јувентус го победи Ливерпул со голот на Мишел Платини од пенал.

Scroll to Top