Остатоци од кинеската ракета се очекува да паднат на Земјата наредната недела, предупредуваат Американците

Остатоци од огромната кинеска ракета која беше лансирана викендов се очекува да падне на Земјата наредната недела, соопштија од Американската вселенска команда која го следи нејзиниот лет во вселената.

Ракетата Long March 5B која е тешка 23 тони и која го однесе новиот лабораториски модул Wentain на кинеската вселенска станица, беше лансирана во неделата од островот Хаинан во 14:22 часот по локално време. Модулот успешно се спои со кинеската орбитална станица.

Откако ја завршија работата и модулот се спои со станицата, ракетата почнала неконтролирано да се спушта кон земјината атмосфера и засега не е позната локацијата каде ќе падне.

Ова е трет неконтролиран лет за Кина и нејзината ракета. Земјата веќе е критикувана поради лошото управување со вселенскиот отпад.

„Тоа е метален објект тежок 20 тони. Иако ќе се распадне за време на влезот во атмосферата, бројни парчиња, некои од нив и прилично големи, ќе паднат на површината“, рече Мајкл Бајерс, професор на Универзитетот на Британска Колумбија и автор на неодамнешното истражување кое се однесува на ризик од вселенски отпад.

Вселенскиот отпад претставува екстремно мал ризик за луѓето, но можно е поголемите делови да предизвикаат штета кога ќе паднат на населени области. Бајерс рече дека поради зголемената количина на вселенски отпад, овие мали шанси стануваат сè поголеми.

Според проценките, можноста телото на ракетата да паднат на Џакарта, Дака и Лагос е три пати поголема отколку во Њујорк, Пекинг или Москва.

„Ризикот може целосно да се избегне со оглед на технологијата и плановите за мисијата кои овозможуваат контролиран влез во атмосферата, обично преку оддалечените делови на океанот, наместо неконтролирано влегување“, рече Бајерс.

Шефот од Канцеларијата за вселенски отпад во Европската вселенска агенција (ЕСА), Холгер Краг рече дека најдобрата практика е контролирано да се влегува во атмосферата и да се паѓа во оддалечените делови на океанот секогаш кога ризикот е превисок.

Американската вселенска команда ќе продолжи да го следи падот на кинеската ракета на Земјата, а точната влезна точка во атмосферата ќе биде позната само неколку часа пред тоа да се случи.

Кина минатата година се најде на удар на критики поради вселенското ѓубре, откако лансираше модул на слична ракета.

Остатоците паднаа во Индискиот Океан во близина на Малдивите десет дена по лансирањето. НАСА соопшти дека Кина не ги исполнува стандардите за ваквите мисии. Од друга страна, Кинезите ги обвинија Американците дека само ширеле страв.

Во 2020 година, јадрото на кинеската ракета тешка речиси 20 тони влезе во атмосферата неконтролирано, помина директно над Лос Анџелес и Централ парк во Њујорк и падна во Атлантикот.

Вселенскиот отпад како старите сателити влегуваат во атмосферата секој ден, но не се забележуваат бидејќи согоруваат пред да паднат на земјата. Само големиот вселенски отпад, како што се вселенските летала и ракетните делови, претставуваат многу мал ризик за луѓето и инфраструктурата на земјата, велат експертите.
Scroll to Top