Пред 500 години Фернандо Магелан со својата експедиција ја обиколи Земјата и докажа дека е тркалезна. Но и покрај неговиот потфат, голем број луѓе на планетава и понатаму веруваат дека таа е рамна плоча. Ова го покажало најновото истражување на институтот „Датафолха“.
На шпанскиот остров Менорка, рамноземјашите одржаа конгрес. Ги имаше во голем број, па организаторите велат дека морале да бараат и поголема сала за да ги собере сите.
„Интересот беше огромен, па бевме принудени да бараме поголем простор за да не собере сите“, рече Марија Љомпарт, една од учесниците која заедно со другите рамноземјаши ги игнорира државните свечености по повод одбележувањето на 500 години од враќањето на Магелан.
Поточно станува збор за враќањето на бродот „Викторија“, единствениот од петте кои по тригодишната одисеја се вратија во пристаништето Санлукар де Барамеда во Андалузија.
Повеќето од 239-те морнари што тргнале кон Индија во 1519 година во потрага по зачини не се вратиле живи. Меѓу нив бил и водачот на експедицијата Фернандо Магелан.
Бил Португалец кој пловел под шпанско знаме и по кого го добил името теснецот на крајниот југ на американскиот континент, кој води од Атлантикот до Тихи Океан.
„Историски гледано, тоа патување е поважно од стапнувањето на човекот на Месечината. Тоа откритие тогаш практично промени сè“, рече шпанскиот вицеадмирал Хоркада Рубио од комитетот за прослава на годишнината од обиколувањето на планетата Земја.
Оваа прослава во Шпанија се слави под името „Пет века“.
Со сличен став е и сонародникот на Магелан, претседателот на португалскиот парламент, Аугусто Сантос Силва. Тој го нарекува првото обиколување на светот „првата глобална акција“.
Португалската круна, меѓутоа, тогаш не беше заинтересирана за експедицијата на Магелан на запад, бидејќи веќе имаше воспоставено профитабилна трговија со зачини на источниот пат кон Индија откриен од португалскиот морепловец Васко де Гама, пишува „Дојче веле“.