По половина век група лекари ја разрешија мистеријата за смртта на Брус Ли

Смртта на холивудската ѕвезда Брус Ли и мајсторот на кунг фу вештините, кој умре во 1973 година на 31 години во Хонгконг, и понатаму е предмет на бројни теории на заговори.

Во официјалните извештаи е наведено дека актерот починал од оток на мозокот, а лекарите констатирале дека е последица на консумирање преголема количина на лекови против болка.

Сепак, затоа што станува збор за млад човек со неверојатна физичка сила, не е нелогично што веднаш по неговата смрт почнаа бројни теории на заговор, а некои од попопуларните биле дека го убила кинеската мафија, го отрула љубоморна љубовница, дека е жртва на проклетство или дека можеби имал топлотен удар кој завршил фатално.

Сега лекарите изнесоа, не нови теории, туку тврдења за причината за смртта на најпознатиот и најсакан мајстор на боречки вештини. По деталните анализи, било заклучено дека Брус Ли починал од преголема количина на вода во телото.

Нивниот заклучок е дека Брус Ли страдал од хипонатремија, односно состојба која претставува нарушување на електролитите кои се карактеристични за намалената концентрација на натриум во крвта.

Тимот експерти ова го напишале во Clinical Kidney Journal.

„Со други зборови заклучивме дека неможноста бубрегот да излачува вишок на вода е тоа што го убило Брус Ли. Хипонатремија укажува дека нивото на натриум во крвта, кое е неопходно за рамнотежа на течноста, е абнормално ниско. Нерамнотежата предизвикува отекување на клетките во телото, вклучувајќи ги оние во мозокот“, тврдат групата лекари.

Оваа студија ги изнела и тврдењата дека Брус Ли имал неколку фактори на ризик за појава на хипонатремија. Пиел големи количини на течности, користел канабис, кој ја засилува жедта и други фактори кои ги намалуваат функциите на бубрезите, како земање лекови против болки и алкохолот.

Неговата сопруга Линда откри дека Брус бил на диета базирана на многу течности, а пред смртта пиел сок од морков и јаболка. Биографот Метју Поли, авторот на книгата „Брус Ли, живот“, во неговото дело напоменува дека мајсторот на боречките вештини зел големи количини вода пред смртта.

„Претпоставуваме дека Брус Ли починал од специфичен облик на дисфункција на бубрегот, неможноста да излачува вода за одржување на хемеостаза. Ова може да доведе до хипонатремија, церебрален еден (отекување на мозокот) и смрт во рок од неколку часа ако вишокот вода не се излачи низ урината“, е заклучокот на оваа студија.

Истражувачите заклучиле дека Ли, кој инаку консумирал големи количини  вода секој ден, пред смртта испил многу повеќе од вообичаено. Дополнително истиот ден користел канабис, кој предизвикува жед, што може да резултира да испие повеќе течности, што на крајот се уврдило како фатален потег.

Иронично, Брус Ли се прослави со цитатот „Биди вода, мој пријателу“. Сепак, изгледа дека вишокот на вода на крајот е тоа што го убило, заклучиле истражувачите.

 

 

Scroll to Top