Принцот Ендру ковал план со Дијана за Чарлс никогаш да не стане крал, нов заговор во кралското семејство

Нов кралски заговор се рашири во британската јавност за тоа дека принцот Ендру ковал план заедно со принцезата Дијана уште кога била жива, за Чарлс никогаш не стане крал. Ова го тврди  Анџела Левин во новата биографија за животот на Камила Паркер Булс, кралицата на Британија.

Познавачите на кралското семејство велат дека ова е време кога нема мир во семејството во Виндѕор. Драмите се случуваат од ден за ден зад златните завеси. Велат вакво нешто може само да се замисли во главата на Шекспир или кај авторите на некои големи сапуници.

Најновата приказна е за планот на принцот Ендру, кој наводно работел против брат му. Со Дајана и неговата поранешна сопруга, Сара Фергусон, сакале да го спречат Чарлс да стане крал. Планот бил на престолот да седне Вилијам, во случај ако кралицата почине порано.

Во тој случај,  додека Вилијам не стане полнолетен, војводата од Јорк, Ендру, ќе станел регент. Левин во Duchess of Cornwall: From Outcast to Queen Consort, го истражува односот на Камила со постарите членови на кралското семејство и како тие се менувале низ времето.

Анџела веќе ги има објавено биографиите на некои од членовите на кралското семејство, вклучувајќи го и на принцот Хари во 2018 година и принцот Вилијам и Кејт во 2015 година.

Цитирајќи високо позициониран инсајдер во кралското семејство, Левин во книгата пишува дека принцот Ендру наводно силно се обидувал да го спречи постариот брат да седне на кралскиот престол.

„Тоа беа мрачни и чудни времиња во кои паранојата стана реалност. Беше многу загрижувачки“, рече изворот и додаде: Неговото однесување беше многу негативно и исклучително непријатно за кралицата која не се согласуваше со нив. Беше тоа една од ретките прилики да не ја убеди мајка му во она што сака да го направи. Очигледно ѝ беше љут што не можеше на некој начин да владее со земјата. Се чини дека никогаш не му ги пристила наводните интриги.

„Дејли Мејл“ објави дека контактирале со претставници од Бакингемската палата и претставници на војводата од Јорк и побарале коментар на оваа приказна. Левин исто така пишува дека Ендру се обидел да ја убеди кралицата да го спречи Чарлс да се ожени со Камила.

Тој ја убедувал дека нејзиното потекло не е доволно аристократско и дека е не е доверлива. Неговиот непријателски став кон Камила никогаш не се променил, а не исчезнал ни неговиот гнев заради тоа што била прифатена во кралското семејство.

Блиска пријателка на Камила, Лусија Санта Круз, која наводно го запознала Чарлс со Камила во 1970 година рече: Кога Камила беше во брак со Ендру Паркер Булс, одеше со него во Балмор и се дружеше со кралското семејство. Неверојатно добро се согласуваа со неа. Но, кога тој брак пропадна, кога повторно почна врска со Чарлс, почнаа да ја отфрлаат и да ѝ ја префрлаат вината за сè што се случувало во неговиот брак со Дајана. Тоа за неа беше неправедно.

Војводата од Јорк и кралот Чарлс Трети, како што тврди Левин, имале затегнат однос веќе со години, а тогаш дополнително драматично се влошиле работите откако се откри поврзаноста на принцот Ендру со педофилот и сексуалниот предатор Џефри Епстајн.

Бакингемската палата во јануари објави дека на принцот Ендру ќе му бидат одземени сите воени титули и дека во суштина ќе престане да биде активен член на семејството. Тогаш беше речено дека тој, во случајот со обвиненијата за злоставување од страна на Американката, Вирџинија Џефри, ќе се брани како приватен граѓанин. Јасно беше дека принцот Чарлс има клучна улога во таквиот развој на ситуацијата и тоа со поддршка на принцот Вилијам.

Во тоа време, извори од Палатата рекоа дека за одлугата се зборувало долго, по неуспешниот обид на Ендру да го убеди судијата да ја отфрли граѓанската тужба која Вирџинија ја подигна против него. Принцот на крајот се спогоди со неа, а деталите останаа непознати за јавноста.

Наводно се работи за пет милиони долари отштета. Од Бакингемската палата тогаш негираа дека пари за отштета и судски трошоци стигнале од кралската благајна.

Британската јавност е убедена дека Чарлс и Вилијам направиле сè за Ендру, веќе со години најомразениот член во кралското семејство, го турнат во позадина. Иако отсекогаш ѝ бил миленик на Елизабета, со ваквото решение се согласила и кралицата.

Во февруари годинава, британските медиуми пишуваа за тоа дека Чарлс на својот брат му рекол да се држи настрана и да не се појавува на официјалните настани. Ројалистите кои сметаат дека Ендру ја посрамотил монархијата, биле гневни гледајќи го Ендру како се обидува да ѝ се умилува на мајка му, кралицата Елизабета, откако почна да живее во Виндѕор, во негова близина.

Сега кога е јасно дека Чарлс е новиот крал, сигурно нема да му бидат вратени привилегиите на Ендру, ниту пак ќе може да се врати на сцената. Се чини дека Ендру ќе стане неважен во кралското семејство. Познавачите на ситуацијата објаснуваат дека тоа не значи прогон во провинција и сиромаштија за Ендру. Принцот ќе продолжи да живее во Royal Lodge, една од најубавите на најраскошни кралски куќи. Нема да му фалат ниту парите.

Може ќе му недостига само моќта или неисполнетата желба да седне на тронот. Чарлс постојано зборува за помала монархија и очигледно има намера да се држи до најавите за намалување на бројот на вработени, односно членови во кралското семејство кои се активни и заработуваат своја плата.

Исто така планира да го промени правилото за тоа кој може да го менува монархот во случај да е спречен да ја извршува оваа должност. Брат му Ендру и неговата внука Битрис, ќерката на војводата од Јорк досега беа на тој список. Наскоро, како стојат работите, се чини дека ќе бидат тргнати од истиот.

 

 

Scroll to Top