САД набавиле шпионска опрема наменета за земји сојузници, обвинува Кина

Официјален Пекинг побарал од Америка да ѝ објасни на меѓународната заедница за енормно големите листи на барања на нивните амбасади за набавка на шпионска опрема и уреди.

На конференцијата за новинари одржана во Пекинг портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи изнела податоци што ги објавил порталот „Викиликс“.

Во документот на „Викиликс“ е обелоденето за повеќе од 16 000 барања за набавка на шпионска опрема и уреди во повеќе американски амбасади, во различни делови од светот.

„Викиликс“ открива дека во август минатата година само американската амбасада во Ел Салвадор побарала набавка на 94 камери кои можеле да се сокријат во секојдневни предмети, како што се вратоврските, капите, рачните часовници, УСБ-стикови, запалки, пенкала и слично.

Дипломатската мисија во Колумбија поднела исто такво барање, наведува „Викиликс“. Пекинг го повикал Вашингтон да ѝ објасни на меѓународната заедница зошто амбасадите купуваат толку голем број шпионски уреди, со која цел и против кого имаат во план да ги користат.

„Само пред неколку дена САД ја обвинија Кина дека со години ја загрозува американската безбедност. Документите што  ги објавил ‘Викиликс’ служат како доказ дека САД повторно прават драма за да обвинат некого друг“, изјавила официјалната кинеска претставничка.

„Вашингтон создаде опсежна мрежа на шпионажа и надзор на глобално ниво, вклучувајќи ги и своите сојузници во 2013 година, па сега му објаснува на светот што се случило пред пет години“, изјавила портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи.

Говорејќи на темата на кибернетичката безбедност, таа ги советувала сојузниците од Белата куќа велејќи дека никогаш повеќе нема да ја заборават болката, па дури ни кога раната ќе биде излечена.

Таа на тој начин ги потсети за скандалот од пред пет години со следење и надзор во рамки на програмата PRISM на високите официјални лица и челници на земјите кои важат за најблиски американски сојузници.

Вашингтон и Пекинг во моментов се во трговска војна што ја почна администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Оваа војна беше започната под разни изговори на Трамп, како што се кражба на технологија и интелектуално сопствеништво на американските фирми од страна на кинеските технолошки компании.

Белата куќа на 11 декември соопштила дека подготвува одмазднички поход против Кина, поради трајните напори на Пекинг да извршат кражба на американски деловни тајни. Кина ги отфрли ваквите обвинувања и побара од Вашингтон да изнесе каков било доказ со кој би ги поткрепил ваквите тврдења.

Scroll to Top