Сциентолошката црква киднапира луѓе, американски комичар на „Златниот глобус“ се шегуваше на сметка на Том Круз

Американскиот комичар Џерод Кармајкл на доделувањето на „Златните глобуси“ се пошегува на сметка на Том Круз велејќи дека трите статуи што ги вратил може да помогнат во пронаоѓањето на Шели Мискавиџ, жената лидер на Сциентолошката црква, каде што глумецот е истакнат член.

„Зад сцената ги најдов овие три златни награди што Том Круз ги врати. Имам идеја, може да ги земеме и да ги размениме за сигурно враќање на Шели“, рече Кармајкл.

По настапот, реакциите во публиката беа поделени. Том Круз веќе со години е еден од најпознатите членови на контроверзната Сциентолошка црква. Водачот Дејвид Мискавиџ е негов добар пријател и му беше кум на венчавката со Кејти Холмс.

Но, неговата сопруга Шели, која ја нарекоа и првата дама на сциентологијата, не е видена во јавноста од 2007 година. Тоа беше повод за голем број шпекулации за тоа каде се наоѓа и дали воопшто е жива.

Адвокатите што ја застапувале во 2012 година тврдеа дека таа е жива и има мирен живот далеку од очите на јавноста. Ситуацијата се комплицира во 2013 година кога глумицата Лија Ремини, која исто така беше една од познатите членови во црквата, поднесе пријава за исчезната личност барајќи од полицијата да истражи каде е Шели. Ремини верувала дека нешто ѝ се има случено.

Полицијата во Лос Анџелес поведе истрага, но потоа соопшти дека веднаш ја лоцирале и дека случајот е затворен, иако јавноста не доби никаков одговор. Шели не беше присутна ниту на венчавката на Том Круз со Кејти Холмс.

„За црквата, ова беше многу важен настан и требаше сите водечки членови да бидат таму. Шели отсекогаш беше со сопругот. Беше негова сенка не само затоа што беше омажена за него туку беше и негов главен соработник. Тоа што не беше присутна беше не само необично туку и незамисливо“, рече Ремини.

Глумицата го праша Том Дејвис, тогашниот портпарол на црквата, каде е Шели, на што доби одговор дека не е подобна да прашува затоа што нема соодветен чин. Ремини продолжила да се распрашува, испраќала писма и телефонирала, но безуспешно.

За возврат била подложна на многубројни притисоци и малтретирања од црквата, што на крајот резултирало да раскрсти со овој култ и да го напушти. Во меѓувреме, станала нејзин голем критичар. Сними и документарна серија Leah Remini: Scientology and the Aftermath, во која открива што се случува во црквата.

Откога ја напуштила, во полицијата во Лос Анџелес поднела пријава за исчезнато лице, а само неколку часа подоцна случајот бил затворен. Полицијата соопштила дека лицето е најдено, но не се кажани детали. На прашањето дали ја виделе или разговарале со Шели, одговориле дека тоа е доверливо.

Ремини рече дека сциентолозите имаат врска со многу државни служби и се големи добродетели на полицијата во Лос Анџелес и се донатори на голем број хуманитарни настани. Кога шегата на Кармајкл на „Златниот глобус“ се прошири и на социјалните мрежи, таа јавно напиша и праша: „Ти благодарам, Џерод Крамајкл. Каде е Шели?“

За потсетување, Шели се омажи за Дејвид Мискевиџ во 1982 година. Kога почина Рон Хабард, основачот на Сциентолошката црква, Мискавиџ го презеде раководството во 1987 година и се етаблира како многу моќна личност. Во раните деведесетти успеа да ја натера државата да ја признае црквата и да ја ослободи од плаќање даноци.

Пред да исчезне, Шели редовно присуствуваше на многубројни состаноци и настани со сопругот. Никогаш не беше објаснето што ѝ се случило и зошто му забележи на лидерот на црквата. Една од теориите е дека се наоѓа во Твин Пикс, во Калифорнија, и дека е добро чувана во строго доверлива база на сциентолозите.

На „Јутјуб“ има видео направено со дрон, на кое се гледа како изгледа целиот комплекс, а наводно секаде се распоредени чувари за да ја спречат да избега. Поранешниот сциентолог Арон Смит-Левин рече дека дури и некои од поистакнатите членови на црквата не знаат за овој комплекс, кој се наоѓа длабоко во планината. Рече дека постои можност и дека можеби Шели не сака да побегне од таму.

„Тоа што е таму не значи дека е казнета. Беше отстранета од позицијата помошник на Мискавиџ и е испратена во базата да работи. Веројатно сакале да се уверат дека нема да налета повторно на неа“, рече Левин.

„Тампа Беј тајмс“ неодамна објави дека Мискавиџ ги избегнува обвинителите и дека тие не може да му достават документи за да одговори на судот.

„Тој сигурно не сака некој да го види ова, а секој сциентолог ќе има проблем ако почне да се распрашува за оваа локација или почне да ја пребарува на ‘Гугл’“, додаде тој. За исчезнувањето на Шели пред неколку години зборуваше и Џенис Грејди, една од поранешните членови на црквата.

Таа ја познаваше уште од мала и ја памети како повлечена личност, која многумина ја сметаа за неспособна. Тврди дека единствен интерес ѝ била посветеноста на сопругот. Други познајници тврдат дека никогаш не се ни бакнувале ни гушкале пред други.

Мискавиџ никогаш не зборуваше за нејзиното исчезнување. Само еднаш го коментира претставник на црквата, кој рече дека Шели работела на некој проект и дека јавноста еден ден ќе дознае за тоа.

Scroll to Top