Се бара список со имиња на многу славни личности кои летале со авионите на осудениот педофил Епстајн

Податоци од летовите на авионите на милијардерот Џефри Епстајн, вклучително и „Лолита експрес“, ќе бидат изнесени пред судот, што предизвикува страв кај богатите и славни личности кои се дружеа и одеа на забави со овој осуден педофил, кој лани изврши самоубиство во затвор, информираат британските медиуми.

Јавниот обвинител на Девствените Острови, каде што милијардерот имал вила и се сомничи дека извршил бројни злосторства, побара да добие документи за тоа кои биле патниците во овие воздухоплови.

Податоците се однесуваат на неговите четири хеликоптери и три авиони во периодот од 1998 година до самоубиството на Епстајн во 2019 година.

Обвинителот Денис Џорџ поднесе тужба, повикувајќи се на 22 точки, вклучително и трговија со луѓе, тешко силување, злоупотреба на деца, занемарување, присилна работа и проституција, пишува „Дејли мејл“.

Џорџ, исто така, бара да види какви било „поплаки или извештаи за потенцијално сомнително однесување“, како и личните белешки на пилотот. Се бараат и имиња и детали за сите кои работеле со пилотите, комуницирале со Епстајн и патниците кои патувале со него.

Пилотот Дејвид Роџерс претходно откри информација од 2009 година која покажала дека британскиот принц Ендрју, Бил Клинтон, Кевин Спејси и Наоми Кембел биле меѓу оние кои патувале со авионите на милијардерот. Сепак, тоа не значи дека тие биле свесни за злосторствата за кои беше обвинет Епстајн.

Според некои извори, ова предизвикало вистинска паника кај богатите и славните, а адвокатите на жртвите наведуваат дека побараните извештаи не вклучуваат податоци од летовите на пилот кој работел за Епстајн повеќе од 25 години.

Scroll to Top