Сестрата на Ким Џонг-ун е под истрага, удар врз семејството на деспотот

Јужнокорејските обвинители почнаа истрага против сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Јо-џонг, и генералот на војската на Северна Кореја, Пак Џонг-чон, под обвинение дека наредиле да се уништи меѓукорејската канцеларија за врска во Кесонг.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, истрагата што се води против нив двајцата засега е симболична и незначителна.

Обвинението против Ким Јо-џонг, која е потпретседателка на Централниот комитет на владејачката Работничка партија, и генералот Пак Џонг-чон, било поведено од страна на јужнокорејски адвокат, кој поднел кривична пријава против нив во средината на јуни.

Тужбата ја поднел Ли Кјунг-џае на 8 јули, а случајот е доделен во понеделникот во одделението за јавна истрага, наведуваат официјални лица што имаат увид во случајот, пренесува „Јонхап“.

Северна Кореја ја уништи меѓукорејската канцеларија за врска во пограничниот град Каесонг на 16 јуни како резултат на бесот што се јави кај Севернокорејците поради силната негативна пропаганда што дојде од југот.

Во неа силно беше критикуван Ким Џонг-ун, па неговата сестра, прво преку соопштение објавено на 13 јуни јавно се закани, а потоа и нареди канцеларијата да биде срушена.

Обвинителството во Сеул планира да ја преиспита жалбата на Ли пред да одлучи дали ќе поднесе обвинение против Ким и Пак, изјавиле официјалните лица.

Но, практично е невозможно обвинителите во Сеул да ги казнат официјалните лица на Северна Кореја, изјавиле правни експерти. Обвинителите може да одлучат да се откажат од обвиненијата поради тешкотии во собирањето на доказите.

Дури и ако Севернокорејците бидат прогласени за виновни на локален суд, не постои начин пресудата да биде извршена, додале тие.

 

Scroll to Top