Свршеницата на поранешниот саудиски новинар Џамал Кашоги и група за заштита на човековите права „Демократија за арапскиот свет сега“ го тужат саудискиот престолонаследник, тврдејќи дека тој е човекот кој го наредил неговото убиство.
Тие во вторникот поднеле тужба до американскиот суд во која тврдат дека саудискиот престолонаслденик Мохамед бин Салман го наредил убиството на новинарот во Истанбул.
Во граѓанската парница именувани се повеќе од 20 Саудијци, кои се обвинети дека учествувале во убиството. Амбасадата на Саудиска Арабија не одговорила веднаш на барањето за коментар за поднесената тужба, пренесува „Ројтерс“.
Престолонаследникот Мохамед бин Салман негирал дека го наредил убиството на Кашоги. Кашоги, кој ја критикуваше политиката на саудискиот престолонаследник во своите колумни во весникот „Вашингтон пост“, беше убиен во 2018 година, а неговото тело беше распарчено во саудискиот конзулат во Истанбул.
Тој во конзулатот отишол да ги собере документите кои му биле потребни за да се венча со својата свршеница Хатиџе Џенгиз, турска државјанка.