Три полиции од три држави се судрија во случајот со исчезнатата Медлин Мекен

Британската и германската полиција влегоа во конфликт поради истрагата во случајот со исчезнатото девојче Медлин Мекен. Двете полиции се расправаат околу писмото од Германија во кое родителите на малата Меди се известени дека полицијата го третира случајот како убиство.

За потсетување, пред 13 години, тогаш тригодишната Медлин исчезна од апартманот во кој биле нејзините родители во Португалија, додека биле на летување.

Нејзиното исчезнување до ден денес остана мистерија, но германските истражители пред неколку дена го шокирале светот со своето тврдење дека веруваат дека девојчето е убиено, откривајќи дека имаат и личност која е осомничена за злосторството.

Станува збор за Германецот Кристијан Брукнер, кој е во затвор поради сексуален напад на една жена во хотел во Португалија. Германскиот обвинител Ханс Кристијан Волтерс тврди дека неговата канцеларија ги информирала родителите дека нивната ќерка е мртва.

Кејт и Гери Мекен ги негирале ваквите информации, велејќи дека тие не добиле никакви писмо од германските истражители. Германскиот обвинител Волтерс тврди дека испратил не едно, туку две писма и тоа преку полицијата во Лондон, навестувајќи дека Британците не го испратиле писмото.

Првото писмо во кое се наведува дека Германците го истражуваат случајот како убиство било испратено на крајот на мај, додека второто писмо било испратено минатата недела и во него родителите дополнително се информирани за истрагата.

Од Скотланд јард тврдат дека на родителите им било проследено само едно писмо, но само од германската полиција, не и од обвинителот, а во тоа писмо ги немало наводите за тоа дека Меди е мртва. Од таму порачале дека случајот и понатаму го водат како исчезнато лице.

Германците одговориле велејќи дека тие случајот го продолжуваат како убиство на малата Меди.

Така настанале конфликти меѓу германската, британската, но и португалската полиција, особено затоа што се дознало дека португалската полиција го уништила комбето на Брукнер, две години по исчезнувањето на малото девојче.

Инаку Кристијан Б служи 15-месечна затворска казна и би можел да излезе на слобода на 17 јули, ако Европскиот суд ја отфрли пресудата за силување на 72-годишна жена, која била нападната во 2005 година, на истото место во Португалија каде што исчезнала малата Меди.

Брукнер е уапсен за ова злосторство во 2009 година и добил седум години затворска казна. Тој се жалел на оваа казна, велејќи дека Германците го прекршиле законот, така што го испорачале од Португалија, под обвинение за трговија со дрога, а потоа му суделе за силување.

Scroll to Top