„Вашингтон пост“ открива: Хилари Клинтон со мејловите ја загрозила безбедноста на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација сеуште во јавноста ги подигаат тензиите со скандалот со објавените мејлови на Хилари Клинтон, со кои таа наводно ја нарушила безбедноста на САД.

Истрагата која ја направиле истражителите од Стејт департментот, покажува дека поранешната прва дама на САД се соочува со сериозни обвинувања поради откривање на класифицирани информации, пишува „Вашингтон пост“.

Клинтон на американските дипломати во Исламабад им испратила мејлови во кои таа открила класифицирани податоци, поврзани за нападите во Пакистан со користење на американски беспилотни авиони.

Покрај Клинтон, се истражуваат уште голем број високи претставници од периодот на владеењето на Обама. Во изминатите неколку недели истражувачите стапиле во контакт со повеќе од 130 официјални лица, а меѓу нив се најдоа и политичари кои директно одговарале и контактирале преку мејлот на Хилари Клинтон.

Според пишувањата на „Вашингтон Пост“, истражителите дошле до докази со кои можат да ја обвинат Хилари Клинтон, дека со испраќањето на мејловите, таа потенцијално ја загрозила безбедноста на земјата.

Претставниците од Стејт департментот стапиле во контакт со сведоците уште пред 18 месеци, откако Доналд Трамп е избран за претседател на САД, а потоа се откажале. За кратко време истрагата била прекината, а повторно била активирана во август годинава, пренесуваат американските медиуми.

Од Стејт департментот велат дека ги следат и ги почитуваат стандардните протоколи во истрагата, која започнала уште во деновите кога завршила со работа администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама.

„Ова нема никаква врска со тоа кој е во Белата куќа“, изјавил висок претставник на Стејт департментот, кој барал да остане анонимен. Тој објаснил дека биле потребни три години, за да се прегледаат повеќе од милиони мејлови.

Официјалните лица во Стејт департментот негираат дека истрагата има било каква политичка мотивација и нагласуваат дека мејловите биле прегледани и од бирократи со кариери, кои не ги знаеле имињата на оние кои биле предмет на истрага.

Поранешен претставник од Бирото за следење на Блискиот исток, Џефри Фелтман, изјавил дека станува збор за рутинска проверка, но посочи и на неколку чудни и сомнителни постапки во истрагата.

Како што наведува „Вашингтон пост“, Фелтман на почетокот на 2018 година примил писмо во кое е известен дека околу пет од неговите пораки, содржеле доверливи информации. Потоа пред неколку недели било утврдено дека е виновен за испраќање на 50 мејлови, во кои се наоѓале доверливи инфорамции, пренесува „Вашингтон пост“.

Поранешен американски официјален претставник, кој е запознат со истрагата, изјавил дека тоа е начин на кој републиканците ги одржуваат живи прашањата кои се однесуваат на пораките на Клинтон.

Неименуваниот извор тврди дека истрагата е начин да се оцрнат една група на луѓе од Демократската партија, која се занимава со надворешна политика и истите да се обесхрабрат, или спречат да се вратат во служба на владата.

„Вашингтон пост“ наведува дека приказната на крајот може да заврши со ослободување од какви било кривично гонење на оние лица кои се предмет на истата, затоа што истата таква истрага која ја покренала ФБИ за случајот со мејловите на Клинтон, е затворена уште пред изборите во 2016 година.

Весникот истакнува дека многумина високи функционери стравуваат од исходот на истрагата која може да наштети на нивната репутација.

Scroll to Top