Белорускиот претседател Александар Лукашенко во предизборното обраќање до нацијата и парламентот најави почеток на трета светска војна.
Тој вели дека планетата полека се движи во пропаст и дека би можела да експлодира во секој момент.
„Нашата планета постепено, но сигурно се движи во пропаст. Се чини дека е доволно да се запали обично кибритче и планетата ќе експлодира“, изјавил Лукашенко.
Тој истакна дека најлошото е тоа што меѓународно правните и мултилатералните политички инструменти за регулирање на работите станале анахронизми, кои никој не ги зема предвид.
„За жал, се утврди дека светските владејачки елити не се во состојба да развијат нови инструменти“, изјавил Лукашенко.
Тој оценил дека светот станува сè понестабилен и непредвидлив и несогласувањата меѓу државите и сојузите насобрани во последните децении преминуваат во критична фаза на конфликт.
„Во последно време ниту еден од најважните меѓународни проблеми не е решен“, изјавил Лукашенко за време на своето обраќање.
Според неговите зборови, интеграциските структури во светот минуваат низ системска криза, а некои во суштина настанале и постојат само на хартија.
Во Белорусија денес на повеќе од 5.500 избирачки места почна гласањето на претседателските избори, а главниот изборен ден е на 9 август, соопштиле од Централната изборна комисија.