Глисер долг девет метри со 20 патници во него исчезнал на подрачјето на Бермудскиот Триаголник на почетокот на јануари. Многумина теоретичари на заговор се убедени дека нивното исчезнување е поврзано со местото кое се наоѓа меѓу Мајами, Порторико и Бермудите.
Бермудскиот Триаголник е познат по големиот број поморски и воздушни несреќи. Бродот по кој досега безуспешно се трага имал два вонбродски мотора од 250 коњски сили. Тој испловил на почетокот на јануари од Биминија (50 милји од Флорида) и требало да стигне до езерото Ворт.
Но, никогаш не се појавил и не бил виден повторно, пренесува „Асошиетед прес“. Американската крајбрежна стража повела опсежна потрага во која биле вклучени голем број авиони и бродови. Но, досега ваквата потрага не дала резултати.
За 84 часа било пребарано подрачје од 17.000 квадратни километри по што крајбрежната стража и официјално соопштила дека се откажуваат од потрагата затоа што не е најден ниту еден патник ниту, пак, остаток од бродот. Поради големиот број патници, надлежните се сомневаат дека овој случај е поврзан со трговија со луѓе.