(Видео) Роверот „Истрајност“ открил мистериозен зелен камен на Марс, од НАСА го истражуваат неговото потекло

Роверот „Истрајност“, кој НАСА го испрати на Марс, снимил зелен камен на кој имало дупки. Роверот со ласер се обидел да го истражи потеклото на овој камен и како тој стигнал до кратерот Езеро. Експертите на НАСА имаат повеќе хипотези, пишува порталот „Наука“.

Тие велат дека роверот на Марс има помош од хеликоптерот „Генијалност“, кој го изведел првиот лет на Црвената планета.

„Дали каменот бил оштетен од временските услови или можеби парчето стигнало на тоа подрачје кога се судрило со некое небесно тело? Дали во прашање е метеорит? Или нешто сосема друго?“, прашуваат на твитер-профилот што НАСА го направи за роверот.

Се работи за камен долг 15-ина сантиметри, кој има неколку дупки, а кога сликата ќе се зголеми, се гледаат и точки, кои не изгледаат како да се од природно потекло. Од НАСА објаснуваат дека таквите точки се траги од ласерот на роверот.

Тој ласер е дел од инструментите за испитување на каменот и земјата. Научниците наведуваат дека ласерските испитувања може да го објаснат начинот на кој необичниот камен се нашол на тоа место. Ако настанал на местото на кое е снимен, постои можност да го донела вода во кратерот Езеро или дека е во прашање метеорит.

Роверот НАСА го испитува кратерот Езеро трагајќи по остатоци од древен живот. Во тој кратер, како што се смета, имало длабоко езеро, како и делта реки, кои роверот ги истражува.

Роверот треба да собере примероци што ќе ги донесе назад на Земјата. Ласерот работи на начин на кој ги погодува карпите од оддалеченост до седум метри, а потоа создава облак на испарување, што го анализираат камерите и спектромерите инсталирани на роверот.

Scroll to Top