Виетнам го тужи „Монсанто“

Државата Виетнам ќе го тужи „Монсанто“ поради отровот Agent Orange, кој светската прехранбена компанија го произведувала за потребите на американската војска во периодот додека траела виетнамската војна.

Државата Виетнам се решила на ваков чекор по пресудата на судот во Сан Франциско, во која се вели дека „Монсанто“ треба да му исплати 289 милиони долари на школски чувар. Чуварот, кој заболел од рак, тврдел дека користел нивен хербицид Roundup.

Отровот Agent Orange бил користен од страна на американската војска во операцијата „Чистење“. Овој отров се користел за да се соголат големите шуми во Виетнам и се употребувал во текот на 10 години за време на војната. Американските генерали имале цел да ги уништат распространетите шуми и да ги загадат резервите на комунистичките сили што се криеле во тие делови од земјата.

Акцијата била започната во поранешната американска база во Дананг, каде што милиони литри отрови биле товарени во авиони, кои потоа ги распрскувале низ џунглите.

„Пресудата на судот во Сан Франциско ќе ни служи како правен преседан кој ги негира претходните тврдења на ‘Монсанто’ дека хербицидите што ги произведува компанијата и другите хемиски корпорации во САД за американската војска се безопасни“, изјавил портпаролот на Министерството за надворешни работи на Виетнам, Нгуен Фуонг Тра.

„Виетнам претрпе огромни последици од војната, особено поради труењето и разорните влијанија на токсичните хемикалии, вклучувајќи го и отровот Orange“, дополнил Тра.

Речиси три милиони луѓе во Виетнам биле изложени на оваа отровна хемикалија. Големи количества биле користени за време на бруталната воена кампања во хемиската војна во периодот меѓу 1961 и 1971 година. Во овој период биле испуштени околу 12 милиони галони од овој хербицид, кој го произведувала компанијата „Монсанто“ со цел да ја уништи џунглата.

Поради ваквата висока изложеност на овој отров, милиони Виетнамци до ден-денес имаат здравствени проблеми. Изложеноста на отровот предизвикала кај нив деформација која се пренесува преку генетска мутација на идните генерации.

„Монсанто“ никогаш не ја призна својата улога во девастацијата и тврдела дека ваквиот отров е користен и од страна на американската влада. Од компанијата тврдат дека „Монсанто“ е само еден од деветте владини соработници во војната, која произведувала ист токсин од 1965 до 1969 година.

„Монсанто“ во јуни го купи германскиот гигант „Баер АГ“ во договор вреден 66 милијарди долари.

По одлуката да ја исплатат отштетата за рак, акционерите во фармацевтската компанија добија уште еден нов удар. Бројот на тужби во меѓувреме од 5.200. сега е зголемен на 8.000. Додека американската агенција за заштита на околината ЕПА тврди дека глифосатот не е канцероген, европската агенција ЕПА во 1985 година ја означи оваа супстанција како канцерогена. Во 1991 година ја променила својата одлука.

Агенцијата за истражување рак, која се наоѓа во рамките на Светската здравствена организација, во 2015 година утврдила дека глифосатот, веројатно, е канцероген за луѓето.

 

 

 

Scroll to Top