Вистинската Људмила од Чернобил: Серијата е полна со лаги, немаа дозвола за снимање

Вистинската Људмила Игњатенко, сопруга на пожарникарот Васиљи, кој почина од последиците од радијацијата во Чернобил, вели дека таа не дала дозвола во серијата на „Ејч-би-оу“, да се раскаже нејзината животна приказна и дека во истата се прикажани голем број невистини.

Серијата на „Ејч-би-оу“„Чернобил“, која за кратко време доби голема популарност во светот, освои три Еми награди. Во неа се раскажува за настаните по експлозијата на нуклеарната централа во 1986 година во Украина. Вистинската Људмила откако ја погледнала, решила да излезе во јавноста и да ја раскаже нејзината приказна.

Таа се потсетила на последните моменти поминати со нејзиниот сопруг. Вели дека ја контактирале од Москва, за да ѝ понудат пари откако серијата веќе била снимена.

„Кога дознав дека се снима серија за мене, се чувствувал лошо и вознемирено“, раскажала Људмила и додала дека морала да се крие од новинарите.

Последните моменти минати со сопругот
Во моментите на несреќата на 26 април 1986 година, Људмила и Васиљ биле во среќен брак и чекале дете. Нивниот, како и животот на десетина илјади луѓе, се променил во период од неколку часа. Пет дена по нуклеарната катастрофа, Људмила седела покрај болничкиот кревет на својот сопруг, чие тело буквално се распаѓало од радијацијата. Сепак во тие моменти, тој се обидувал да и покаже колку ја сака.
„Кога го посетив, извлече од под јастукот три каранфили. Тоа беше последното цвеќе кое ми го подари. До крајот на животот ќе се сеќавам на тие моменти од болницата, кога заедно стоевме покрај прозорот. Не насетивме дека тоа ќе ни биде последниот романтичен момент во животот“, раскажува Људмила со солзи во очите.
Ја обвиниле дека свесно го убила детето
По емотивната серија, Људмила вели дека морала да се соочи со духовите од минатото. Имало такви кои ја обвинувале дека свесно го убила своето дете.
„Некои ми зборуваа дека сум си го убила детето, затоа што сум седела со сопругот во болницата. Но, кажете ми вие, како можев тогаш да го напуштам. Мислев дека бебето ми е безбедно. Тогаш ништо не знаевме за радијацијата“, се потсетува Људмила. Нејзиното бебе починало четири часа по раѓањето.
Серијата е полна со невистини
Људмила вели дека во серијата се прикажани голем број невистини и дека поради тоа, тешко и било да ја гледа.
„Во серијата прикажано е како стојам и ги држам чевлите на мојот сопруг на погребот. Да, вистина е дека го закопавме без чевли на нозете, но чевлите беа покрај него“, вели Људмила. Таа додава дека имало и сцени кои биле вистинити и дека режисерот успеал буквално да го долови моментот.
„Да, имаше и вистини сцени. Како на пример, го погодија плетениот сив џемпер кој го носев“, се потсетува Људмила.
Никогаш не дала дозвола за да се снима нејзиниот лик во серијата
Вистинската Људмила Игњатенко тврди дека никогаш не им дала дозвола на луѓето од „Ејч-би-оу“, да ја раскажат и прикажат нејзината животна приказна во серијата. Таа тврди дека никогаш немала состанок со нив.
„Ме повикаа од Москва и ми кажаа дека снимаат серија во Летонија и Киев и дека се обидувале да ме добијат, но не успеале. Ми понудија 3000 долари. Серијата тогаш веќе беше снимена. Ги прашав зошто сакаат да ме платат, а ми одговорија дека само затоа што сум жива. Им одговорив дека никој не плаќа за такви работи и ја спуштив слушалката“, изјавила Људмила, која во тој период мислела дека станува збор за некаква измама.
Луѓето од „Ејч-би-оу“ со поинаква верзија за целата приказна
Луѓето од компанијата „Ејч-би-оу“ и „Скај“ велат дека за време на снимањето на серијата често соработувале со Људмила и дека таа во ниту еден момент не им кажала дека не сака да ја раскаже нејзината приказна и приказната за нејзиниот сопруг.
Scroll to Top