(Заговор) Поранешен шеф на кабинет на премиерот вмешан во убиството на новинарката од Малта

Поранешниот шеф на кабинет на премиерот на Малта, Кит Шембри е уапсен од страна на полициските служби во земјата, поради сомнение дека е вмешан во убиството на новинарката Дафне Каруан Галиција.

Дафне, една од најпознатите истражувачки новинари во земјата, е убиена во 2017 година. Таа загина во експлозија на бомба која била поставена во нејзиниот дом.

Шембри вчера поднесе оставка поради притисокот за наводната финансиска врска со бизнисменот Јорген Фенех, кој минатата недела е уапсен во рамки на истрагата за убиството на новинарката.

Полицијата засега не соопштува зошто Шембри е уапсен, ниту дали го смета за осомничен во издавањето на наредбата за ликвидација на познатата новинарка. Ниту Шембри ниту Фенех засега се немаат огласено.

Фенех е задржан во притвор пред недела дена, а бил уапсен во моментите кога се обидувал да ја напушти Малта, со јахта. Фенех бил уапсен еден ден откако медиумите објавија дека е уапсен и наводниот посредник во убиството Мелвин Теум.

Теум во понеделникот добил помилување од претседателот, во замена за информации кои би можеле да дадат одговор за разрешување на овој случај. Тројцата сега го чекаат судењето поради поставувањето на бомбата.

Полициски извори велат дека минатата недела дошло до голем напредок во истрагата за тоа кој го наредил убиството на Дафне.

Новинарката редовно на својот блог ги објавуваше обвинувањата за корупција и во различни моменти целеше на членови на владата, вклучувајќи го и Шембри.

Scroll to Top