Земјата во 2030 година ќе се врати во состојбата од пред три милиони години

Се очекува климата на Земјата во 2030 година да биде иста како што била пред три милиони години, пишуваат
истражувачите во студијата објавена во понеделникот во магазинот на Научната академија на САД.

Тоа бил периодот на плиоцен, кога на Земјата владеела суша, Северна и Јужна Америка сè уште не биле споени, Гренланд бил зелен, а нивото на океаните било повисоко за 18 метри од сега.

Просечната температура тогаш била 1,8 до 3,6 степени Целзиусови над сегашната.

„Одиме кон драматични промени за релативно кратко време“, вели Џек Вилијамс, професор по наука за Земјата и стручњак за палеоекологија и климатологија на Универзитетот во Висконсин, во градот Медисон.

Ако испуштањето на јаглерод диоксид во атмосферата продолжи како и до сега, истражувачите проценуваат дека до 2150 година Земјата ќе се врати во состојбата во која била пред 50 милиони години, во зората на еволуцијата на првите цицачи, кога  диносаурусите (пред 65 милиони години) веќе одамна биле изумрени.

На замрзнатите карпи на половите на Земјата им треба долго да се стопат, па Гренланд нема да биде зелен во следниот век, вели Вилијамс за AFP.

За тоа време нивото на океаните ќе порасне за 18 метри. Но,  загревањето ќе ги изненади живите видови на кои им биле потребни милиони години да се приспособат на денешните услови.

„Многу видови ќе исчезнат поради тоа“, вели коавторот на оваа студија.

„Тоа укажува дека можеме да влијаеме врз својата историја и врз историјата на Земјата со тоа што треба да ги разбереме сегашните промени и да се прилагодиме“, заклучува тој.

Scroll to Top