„Жал ми е, но татко ми не се вгради во мојот мозок“, ќерката на Бил Гејтс се пошегува по примањето на вакцината

Ќерката на милијардерот и основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, Џенифер К. Гејтс, се пошегува на сметка на теоричарите на заговор откога во петокот ја прими вакцината против коронавирусот.

Деветнаесетгодишната Џенифер изјави дека ѝ е жал што мора да ги разочара сите заговорници и дека татко ѝ не успеал да се вгради во нејзиниот мозок.

Џенифер, која е студентка на медицина, објави фотографија на „Инстаграм“ со маска на лицето  држејќи беџ во раката со натпис. „Јас ја примив мојата вакцина против Ковид-19“.

„За жал, вакцината НЕ го вгради мојот генијален татко во мојот мозок – камо иРНК да ја имаше таа моќ“, напиша таа на „Инстаграм“ дополнувајќи дека се чувствува неверојатно привилегирано што ја примила првата доза иРНК.

„Колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку побезбедни ќе бидат нашите заедници за секого“, напиша Џенифер, која им се заблагодари на луѓето што ја откриле и произвеле вакцината.

Многумина во светот го обвинуваат Бил Гејтс и шират разни теории дека тој намерно ги ослободува вирусите за да може потоа преку вакцинацијата да ја оствари својата крајна цел – полесно вградување чипови во умовите на луѓето за да има контрола над нив.

Тој преку својата Фондација „Бил и Мелинда Гејтс“ се обидува да ги подобри технологиите за производство на вакцините, како и да овозможи да им бидат подостапни на земјите во развој.

Гејтс во неколку наврати предупреди за можноста за појава на вирусна пандемија, долго време пред да се појави Ковид-19 и да се рашири во целиот свет.

Гејтс за Си-ен-ен во јули рече дека е загрижен оти лажните теории може да имаат многу реално влијание и изрази надеж дека тие нема да создадат колебливост кон вакцините.

Scroll to Top