Бебето родено со 283 грама запиша историја

Малиот Нејш Кин од Ајова стана најрано роденото бебе на светот кое преживеало. Тој е роден на 5 јули 2024 година, со тежина од само 283 грама, дури 133 дена пред предвидениот термин.

Со тоа, Нејш Кин од Ајова официјално е впишан во Гинисовата книга на рекорди како најрано роденото бебе кое преживеало.

Нејш, кого родителите нежно го нарекувале „Нејш компирче“, ги поминал првите шест месеци од животот на одделението за интензивна нега на новороденчиња во Детската болница на семејството Стед.

„Нејш има силен карактер. Со оглед на тоа што толку долго беше на интензивна нега, би помислиле дека е кревок, но не е. Секогаш се смее и сѐ го интересира“, изјавила неговата мајка Моли за Асошиетед прес.

Сѐ започнало кога Моли, на преглед во 20-та недела од бременоста, дознала дека ѝ е отворен грлото на матката за два сантиметри. Само неколку дена подоцна започнал пораѓајот, а Нејш се родил по само 147 дена бременост – еден ден порано од претходниот светски рекорд.

Родителите истакнале колку им билa важнa довербата во медицинскиот тим.

„Целиот тим беше исклучително смирен. Не покажуваа знаци на вознемиреност, па и ние не паничевме“, додала Моли.

Нејш секојдневно станува сѐ посилен.

Докторката што го породила Нејш, д-р Малинда Шефер, објаснила дека претходно разговарала со родителите за сите можни ризици и компликации.

„Важно ми е родителите да ги имаат сите информации што им се потребни за да одлучат што е најдобро за нивното семејство“, рекла д-р Шефер.

Иако на Нејш сѐ уште му се потребни кислород и храна преку сонда, тој секојдневно напредува. Неговите родители велат дека веќе вежба да стои и има многу сила во нозете.

Рaѓањето на Нејш има посебно значење за семејството, бидејќи претходно доживеале спонтан абортус. Денес со радост го слават неговиот напредок и се благодарни за чудото што го доживеале.

Scroll to Top