Браќа биле погрешно обвинети за убиство, зад решетки поминале 31 година, а на крајот добиле отштета од 75 милиони долари

Браќата Хенри Меколум и Леон Браун, двајцата Афроамериканци, поминале 31 година во затвор за убиство кое не го извршиле. Тие биле ослободени од затвор во 2014 година, откако ДНК-доказите го откриле вистинскиот убиец.

Поротата во Северна Каролина ги награди двајцата интелектуално заостанати полубраќа со 75 милиони долари. Тие биле обвинети за убиство на единаесетгодишно девојче во 1983 година.

Поротата од осум члена во петокот минатата недела одлучила дека двајцата треба да добијат по 31 милион долари комензација, односно по милион долари за секоја година помината во затвор, пренесува британски „Гардијан“. Поротата исто така им додели и по 13 милиони долари казнена оштета.

Полубраќата од 2015 година водат граѓанска постапка против припадниците на законот, тврдејќи дека нивните граѓански права биле нарушени за време на испрашувањето, кое довело до нивна осуда. Двајцата се пуштени од затвор во 2014 година, откако ДНК-доказите укажувале дека убиството го направил веќе осуден убиец.

Двајцата биле тинејџери кога биле осудени за убиството кое се случило во Ред Спрингс. Нивните адвокати изјавиле дека тие биле исплашени тинејџери, кои имале низок коефициент на интелигенција. Кога полицијата ги испрашувала, таа ги принудила да го признаат злосторот.

Меколум тогаш имал 19 години, а Браун 15 години. Двајцата биле обвинети и осудени на смрт. Меколум поминал речиси 31 година во затвор, станувајќи затвореник кој отслужува најдолга смртна казна во Северна Каролина.

Казната за Браун, за кого медиумите пишуваат дека пати од ментална болест, поврзана со времето поминато во затворот, подоцна била заменета со доживотна.

„Ја добив својата слобода. Денес има голем број невини луѓе во затворите и тие не заслужуваат да бидат таму“, изјавил Меколум.

 

Scroll to Top