(Фото) Мистериозен монолит се појави во пустина во САД

Во текот на викендот, мистериозен монолит се појави во пустината Невада, што поттикна шпекулации за тоа што би можело да биде и кој е одговорен за неговото „инсталирање“. Структурата била забележана од полицијата во Лас Вегас за време на мисија за пребарување и спасување северно од долината Лас Вегас.

„Гледаме многу чудни работи, но погледнете го ова! Како се појави таму? соопшти полицијата на социјалните мрежи. Висока, правоаголна, рефлектирачка структура е забележана во близина на Гас Пик, област за пешачење во пустината Невада, пишува Би-би-си.

Монолитот наликува на други слични мистериозни објекти кои се појавија низ светот во 2020 година. Исто така, има сличности со оној од култниот научно-фантастичен филм 2001: Одисеја во вселената, во режија на Стенли Кјубрик.

Пред околу четири години, слични предмети се појавија на различни места, вклучително и еден во американската пустина Јута. Во ноември 2020 година, тој беше забележан од пилот на хеликоптер. Отприлика во исто време, еден бил пронајден во Романија, како и еден во Калифорнија и на островот Вајт во Англија.

Уште еден монолит се појави на врвот на еден рид во Велс во март. Очевидци велат дека скулптурата изгледала совршено исправено. Засега не е познато кој ги поставува овие необични предмети.

Scroll to Top