Концерт на Zelzeleh во Скопје

Стотројка кани на уникатно музичко доживување со Zelzeleh – иновативна соработка помеѓу иранскиот пејач и композитор Kamyar Arsani (Faraway Ghost) и индискиот перкусионист и продуцент на електронска музика Ravish Momin (Sunken Cages).

Концертот е закажан за 2 јуни, со почеток во 21 часот во Ла Кања.

Zelzeleh, што на персиски значи „земјотрес“, е проект кој навистина го оправдува своето име, рушејќи ги конвенционалните музички бариери. Нивната музика е непредвидлива фузија на персиска ритмика, суфи мистицизам, живите ритми од улиците на Мумбаи и современа електроника. Евокативниот вокал на Arsani, кој ја спојува традиционалната експресивност со панк-рок енергија, беспрекорно се преплетува со мајсторството на Momin во полиритмичкиот live-looping и електронските перкусии. Резултатот е звук што тие го нарекоа „дигитална суфи музика“.

 

Во ноември 2024 година, Zelzeleh го објавија својот деби албум, „Ashk Haye Moghavemat“ (Солзи на отпор), за француската издавачка куќа Akuphone. Овој албум е моќен и трогателен омаж на глобалната борба против угнетувањето. Песната “Threnody for the Children” е дело – химна посветена на илјадници деца убиени во Појасот Газа.

Подгответе се за вечер во која традиционалните форми се среќаваат со клупската музика, каде тагата и отпорот се испреплетуваат, и каде секој ритам раскажува приказна.

Концертот е дел од серијалот „Нова пролет“, со кој Канал 103 одбележува 34 години постоење.

Scroll to Top