Шест лица, меѓу кои и доктори, денес се уапсени во Кина поради крадење органи на починати пациенти, соопштиле тамошните медиуми.
Криминалната група ги лажела семејствата на починатите говорејќи им дека органите ќе бидат искористени за да им помогнат на луѓе на кои им била потребна трансплантација, пренесува Би-би-си.
За време на истрагата било утврдено дека во периодот меѓу 2017 и 2018 година биле изведени црни дробови и бубрези на 11 луѓе во болницата во провинцијата Анхуи.
Во Кина има голем број луѓе што се заведени на листата за чекање за органи, а државата тешко наоѓа доброволци донори, додава Би-би-си.
Според пишувањата на тамошните локални медиуми, со трговијата со органи се занимавале четворица високорангирани доктори, кои работеле во отсекот за донации за органи во болницата.
Најмногу краделе органи од жртвите што загинале во сообраќајни несреќи кај кои дошло до тешки повреди на мозокот, а другите органи останале неоштетени.
Потоа шефот на интезивна нега, Јанг Суксун, доаѓал до семејствата и ги прашал дали се согласуваат да ги донираат органите на починатите, на што некои од семејствата давале пишана согласност.
Телата на починатите потоа ги носеле од болницата среде ноќ и ги ставале во комбе, кое било обоено како амбулантно возило, а потоа ги носеле на непознати локаци, ги сечече и им ги ваделе органите.
Органите подоцна им ги продавале на поединци или на некои болници, но во тајност, а криминалната група била откриена кога синот на една од жртвите се посомневал дека нешто се случува.
Ши Ксијанглин е човекот што ја разоткрил целата работа. Тој неколку месеци по смртта на својата мајка во 2018 година ги прегледал документите во кои пишувало дека тој се согласува да бидат донирани нејзините органи.
Но, исто така нашол и неколку недостатоци во документацијата, вклучувајќи ги и оставените празни полиња, што укажувало дека не било познато каде завршиле нејзините органи.
Кога открил дека нема податоци за тоа каде завршиле органите на мајка му, тој побарал одговори од шефот на интензивната нега, кој му понудил голема сума пари, само за да не ја открие аферата во јавност. Но, Ши веднаш го пријавил случајот во полиција.