„Ми рекоа да ја запалам рерната“, работник во конзулатот открива што се случувало пред убиството на новинарот Џамал Кашоги

Работник во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул изјавил пред турскиот суд дека од него било побарано да ја запали рерната, еден час пред, во зградата да влезе саудискиот новинар Џамал Кашоги во која беше и убиен.

Зеки Демир, локален техничар, кој работел во конзултатот, сведочел во првиот ден од судењето за убиството на новинарот Кашоги, кој предизвика глобално негодување и го наруши имиџот на владетелот на Саудиска Арабија.

Демир изјавил дека бил повикан во резиденцијата откако Кашоги влегол во блискиот конзулат за да побара некакви документи.

„Имаше пет до шест лица. Ме замолија да ја запалам рерната. Завладеа атмосфера на паника“, изјавил Демир.

Во Турција денес почна судењето во отсуство на група од 20 државјани на Саудиска Арабија, осомничени за убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги, во 2018 година, во зградата на конзулатот во Садуска Арабија во Истанбул.

Меѓу обвинетите се и двајца некогашни истакнати соработници на моќниот саудиски престолонаследник Мухамед бин Салман, кои се теретат дека раководеле со операцијата за убиство на Кашоги и дека издавале упатства до тимот задолжен за негова ликвидација.

Останатите 18 лица од групата, се обвинети дека го угушиле Кашоги, чии посмртни остатоци никогаш не биле пронајдени. Сепак турските официјални лица тврдат дека неговото тело било распарчено и потоа однесено во непозната локација.

Кашоги беше познат остар критичар на Мухамед бин Салман, а саудиските власти најпрво негираа било каква вмешаност во неговото убиство.

Судот во Саудиска Арабија подоцна поради убиството на Кашоги, осуди пет лица на смрт, а тројца на затворски казни, но тој судски процес беше одржан во тајност, а имињата на обвинетите никогаш не беа јавно соопштени.

 

 

Scroll to Top