Хистеријата во медиумите за шпионските балони и неидентификуваните летечки објекти над Северна Америка, за жал не се резултат на некаков контакт со вонземјани, туку вештачки создадена паника и одвратување на вниманието од политички причини, смета познатиот свиркач Едвард Сноуден.
Сноуден е бивши соработник на американската Национална агенција НСА кој беше баран од американските власти за извлекување и објавување на тајни доверливи информации.
„Тоа не се вонземјани. Би сакал да се. Но, не се. Станува збор за вештачки направена паника и атрактивно одвратување на вниманието со кое се насочуваат новинарите да истражуваат будалаштини за балони, наместо за буџетите или бомбашките напади како што е гасоводот со Северниот тек“, рече Сноуден.
За потсетување, САД во четири наврати за девет дена подигнаа узбуна против неидентификувани летечки објекти, кои потоа беа соборени во акции од борбени воени авиони. Само за првиот објект е утврдено дека се работи за кинески балон, што и самиот Пекинг го потврди.
Кинезите негираа дека шпионираат и објаснија дека станува збор за метеоролошки балон кој излегол надвор од курсот. И покрај тоа, претседателот на САД, Џо Бајден нареди да биде соборен. Беше урнат откако ја прелета цела Америка, од Алјаска до Јужна Каролина.
Во наредните три случаи од Пентагон објаснија дека не знаат за какви летала се работи, но не ја исклучуваат можноста дека се во прашање вонземјани. Одма потоа настана хистерија во медиумите. Од Белата куќа во меѓувреме соопштија дека соборените објекти немаат врска со вонземјани.