Објавена е студија која објаснува како коронавирусот почнал да се шири на крајот на минатата година и на почетокот на оваа. Студијата утврдува како 700 луѓе од крузерот „Дајамонд принцес“, кој беше едно од жариштата од каде што почна да се шири вирусот во светот, заболеле.
Во студијата објавена во американското списание PNAS се вели дека само едно лице било извор на заразата за сите други. Тој брод станал идеален предмет за проучување и одлична лекција за светската научна заедница, пишува во студијата.
Студијата ја направил тим од јапонскиот институт за инфективни болести. Тие велат дека имаат секвенца од гените на вирусот, земен од 148 патници и членови од екипажот на тој брод, кои јапонските власти ги ставија во карантин од 14 дена.
Сите биле ставени во карантин на 3 февруари на пристаништето Јокахома откако еден 80-годишен патник, кој претходно излегол од бродот во Хонконг на 1 февруари, бил позитивно тестиран на коронавирусот.
Сагата за карантинот на повеќе од 3.600 патници и членови на екипажот ја следел целиот свет, а Јапонија беше критикувана затоа што дозволила бродот да се евакуира, а земјите како САД ги пресметувале ризиците од враќањето на своите државјани дома.
На крајот, околу 700 лица од 3.711 луѓе на бродот беа заразени од коронавирусот, од кои седумина починаа. Добиените податоци од тој затворен простор на зараза довеле до првите процени на смртност од коронавирусот, односно 1,2 % од луѓето, а 18 % од нив биле асимптоматски.
Најмалку триесетина студии, кои се направени за состојбата на тој брод, биле објавени од февруари, според интернет-страницата kovid19.com.
Новата генетска анализа на материјали земени од бродот покажува дека сите вируси што биле откриени на крузерот делат иста мутација.
Тоа укажува дека ширењето на SARS-CoV-2 на бродот „Дајмонд принцес“ потекнува од само еден преносител пред почетокот на карантинот, заклучуваат јапонските научници.
Заразата веројатно се раширила за време на големите собирања на патниците во заедничките простории, каде што се играло, танцувало, се пазарело и се гледале претстави.