Во понеделник погледнете кон небото – ќе се случи феномен што се гледа само еднаш во животот

Бетелгез, една од најсветлите ѕвезди видливи од Земјата, се очекува да исчезне накратко во понеделник. Астрономите оваа појава ја нарекоа историска што се случува  „еднаш во животот“.

Причина за исчезнувањето е тоа што астероид ќе помине пред ѕвездата. Според најавите, тоа ќе трае од 7 до 12 секунди.

Бетелгез го привлече вниманието во последниве години поради својата флуктуирачка светлина, предизвикувајќи дури и загриженост дека може да биде на работ на експлозија.

Научниците сè уште се обидуваат да ја проценат вистинската големина на Бетелгез и другите карактеристики.

Поминувањето на астероид пред ѕвезда со оваа големина е многу ретко, видливо од Земјата само на секои неколку децении, велат истражувачите.

Во делови од Европа, вклучувајќи ги Италија и Шпанија, во тек се подготовки за набљудување на овој ѕвезден настан.

Експертите велат дека овој редок настан ќе биде можност да се дознае повеќе за астероидот и Бетелгез, како што е неговата големина и како наелектризираниот гас се движи околу ѕвездата што умира.

Scroll to Top