Американскиот магазин „Нешнл интерес“ проценува дека многу е веројатно светската нуклеарна војна меѓу големите воени сили ќе почне во Украина. Магазинот проценува дека истата би можела да настане како резултат на минатогодишниот инцидент кој се случи во Азовското море.
Овој настан лесно може да доведе до конфликт меѓу Русија и Украина, пишува магазинот. Потоа би следело мешање на западните воени сили и НАТО.
Весникот пишува дека малку фалело да настане нов конфликт меѓу двете земји, откако Русија во ноември минатата година зароби три брода на украинската морнарица и нивниот екипаж кај Керченскиот Теснец, што ја разгори нетрпеливоста меѓу двете земји.
Инцидентот се случи во Црно Море, кога бродовите се обидоа да влезат во Азовското Море преку тој теснец, по што Русија ги заплени бродовите и ги притвори членовите на екипажот, обвинувајќи ги за илегален влез во руски територијални води.
Судот во Москва кон средината на месецов го продолжи притворот на 24 украински морнари. Тоа беше прв отворен воен судир меѓу Москва и Киев по припојувањето на Крим во 2014 година и почетокот на вооружениот судир на истокот на Украина меѓу владините сили и проруските сепаратисти, во кој загинаа повеќе од 10 илјади лица.
Магазинот пишува дека кревкиот мир, кој некако се одржува со договорите направени во Минск, виси на конец. „Нешнл интерес“ предвидува дека во Украина во наредниот период би можеле да настанат нови нереди, по кои би следеле неколку непромислени потези на украинските и руски влади.
Во случај на напад на руските бродови, весникот предвидува уништување на цела украинска флота. Тогаш во конфликтот ќе се вмеша и НАТО.
Второ место каде би можела да почне нуклеарна војна, според пишувањата на американскиот магазин е Јужното кинеското море. Борбата меѓу САД и Кина може да се објасни со зголемување на борбените сили на Пекинг, но и очигледната трговска војна меѓу двете најсилни економски држави.