Пет утрински навики важни за крвниот притисок

Високиот крвен притисок често останува незабележан со години, но со текот на времето може значително да го зголеми ризикот од сериозни здравствени компликации. Ако се остави неконтролирано, може да го зголеми ризикот од срцев удар, мозочен удар, бубрежна болест и срцева слабост.

Високиот крвен притисок може да се контролира со едноставни промени во животниот стил, а се започнува со вашите утрински навики. Нутриционистите откриваат клучни стратегии за здравјето на срцето.

Чаша вода наутро

Треба да пиеме вода наутро за да ја одржиме здравата циркулација и волуменот на крвта.

„Доволната хидратација овозможува оптимално функционирање на крвните садови и помага да се спречат ненадејни скокови на крвниот притисок“, објаснува диететичарот и едукатор за дијабетес, Ерин Палински-Вејд.

Нутриционистот Триста Бест додава: „Хидрацијата е клучна за одржување на крвта непречено да тече низ вашите артерии. Одржувањето соодветен волумен на крв е важно за стабилен крвен притисок“.

Прошетка

Дури и кратка прошетка не само што има позитивно влијание на нашиот ден, туку може да помогне и во намалување на крвниот притисок.

„Кардиоваскуларната активност го зајакнува срцевиот мускул и ја подобрува неговата ефикасност, што може да ја зголеми кондицијата и да го намали крвниот притисок во мирување“, објаснува Палински-Вејд.

Управување со стресот

Според Американското здружение за срце, управувањето со стресот може да го намали нивото на хормонот на стресот и да помогне во одржувањето на стабилен крвен притисок, пишува „EatingWell“.

„Одвојте пет до десет минути за да правите вежби за дишење или медитација за да го намалите стресот и нивото на кортизол“, советува Бест.

Длабокото дишење и медитацијата го активираат парасимпатичниот нервен систем, промовирајќи релаксација и намалувајќи ги хормоните на стресот.

Започнете го денот со здрав појадок

Урамнотежениот појадок богат со влакна, калиум и магнезиум го поддржува здравјето на срцето.

„Тост од авокадо на интегрален леб е одличен извор на сите три хранливи материи“, вели Палински-Вејд.

Исто така, важно е да го намалите внесот на преработена храна богата со натриум бидејќи вишокот на сол го зголемува крвниот притисок. Калиумот помага да се неутрализира овој ефект, затоа додадете банани, суво грозје или сливи во утринскиот оброк – без разлика дали се работи за овесна каша, житарки или јогурт.

Избегнувајте кафе веднаш по будењето

Кофеинот веднаш по будењето може да го зголеми нивото на кортизол и да го зголеми ризикот од хипертензија на долг рок. Наместо тоа, прво испијте чаша вода и почекајте 30-60 минути пред првото кафе. Ако не можете без вашиот утрински ритуал, размислете за кафе без кофеин.

Scroll to Top