Скопскиот алтернативен рок бенд Визија, утре, 7 јули, ќе настапи на овогодишниот музички фестивал Егзит во Нови Сад, еден од најголемите музички фестивали во светот.
„Визија“ е единствениот бенд од Македонија кој оваа година ќе ја има честа да настапи на овој престижен фестивал, каде што ќе настапат големи светски имиња како што се The Killers, Years & Years, Hardwell, Liam Gallagher, Jason Derulo, The Damned, The Jesus And Mary Chain, Paul Kalkbrenner, Robin Schulz, Rag ‘N’ Bone Man и други.
Настапот на „Визија“ е на Fusion стејџот, кој важи за еден од најголемите на фестивалот, а ќе почне во 23:30 часот.
Бендот „Визија“ е составен од членовите Марко Џамбазоски, Марко Гапо, Лилјана Јанкова и Синиша Ѓорѓевиќ. Неодамна го издадоа својот прв албум „Гласно!“, а до сега имаат настапено на дел од најголемите балкански фестивали како што се Заечарската гитаријада (Србија), Таксират (Македонија), Јелен демофест (БиХ), Лејк фест (Црна Гора), Миксер (Србија), Земјотрес (Македонија), Rock ‘n’ pop the borders (Бугарија) итн.
Покрај овие настапи, бендот добива одлични критики од американската радио станица „WMBR” и британските музички веб сајтови „The devil has the best tuna” и „Emerging Indie Bands” кој на неговата листа на најдобри 90 нови бендови од светот за 2014 година, ја поставува Визија на високото седмо место.