Група хакери тврдат дека ги украле сценариото за новата епизода на серијата „Game of Thrones“, а американската кабелска телевизија HBO потврди дека хакерите украле и програмски податоци и содржини.
Хакерите тврдат дека имаат 1,5 терабајти од податоците на HBO и дека епизодите „Ballers“ и „Room 104“ заедно со сценариото за наредната епизода се објавени онлајн. Тие нагласуваат дека наскоро ќе објават уште материјали.
„Хакерскиот упад нѐ вознемири сите. Во компанијата имаше сајбер инцидент што резултираше со кражба на доверливи информации, вклучувајќи дел од нашата програма“, стои во пораката на претседателот на HBO до вработените.
Оттаму не даваат повеќе информации и рекоа дека истрагата е во тек.
„Заштитата на податоци е наш приоритет и сериозно ја сфаќаме одговорноста за заштита на податоците во наша сопственост“, велат од HBO.