Интернационален кугларски турнир ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 9-ти септември (сабота) со почеток во 11 часот, по повод Денот на независноста на Р. Македонија, а во организација на кугларскиот клуб Вардар.
Учесниците (по 8 од секој клуб) ќе се натпреваруваат индивидуално и екипно и тие се дел од кугларските клубови од регионот:
„Медвешчак 1958“ од Загреб (поранешни европски прваци), „Београд“ (шампиони на Србија) „Ревита“ – вицешампиони на Босна и Херцеговина“, „Калцит камник“ (шампиони) од Словенија како и домаќинот „Вардар“ (вицешампион и освојувач на куп).
Овој спортски настан е со поддршка на Град Скопје, при што свечено ќе го отвори градоначалникот Коце Трајановски. најавено е обраќање и на значајни имиња од кугларството.
Како за потсетување, името на спортскиот бренд „Вардар“ игра многу важна улога во текот на последните 30 години и во куглањето , иако е редок и малку застапен спорт во нашата држава.
После згаснувањето на кугларскиот клуб „Вардар“ во 2007 година како неколкукратен шампион на Македонија и освојувач на меѓународни одличја, група ентузијасти -куглари одлучија да го оживеат името Вардар во овој спорт, создавајќи го кугларскиот клуб Вардар 2014 Скопје – 29.04.2014 е официјалниот роденден на овој клуб. основачи се Димитар Димитровски, Дарко Димитровски, Драги Димитровски, Коста Ристевски и Дарко Димовски – сите докажани кугларски имиња.
Сезоната 2014/2015 во Македонската кугларска лига (МКЛ) е првата за новосоздадениот клуб. Во него членуваат многу докажани и познати имиња за кугларскиот свет како Димитар Димитровски, неколкукратен македонски шампион, репрезентативец и еден од најдобрите македонски куглари на сите времиња, Миле Димковски – поранешен репрезентативец, Бојан Влаќевски актуелен репрезентативец и носител на сребрен медал од последното светско првенство…
Тренер на екипата е многу квалитетната и познатата личност во куглањето, некогашен репрезентативен тренер, Драги Димитровски.