Љубовта на тинејџерите Регина и Екхарт Албрехт го урна Берлинскиот ѕид

Љубовта на тинејџерите Регина и Екхарт Албрехт била поголема од Берлинскиот ѕид, кој вчера одбележа 28 години од неговиот пад.

Поради ѕидот, кој речиси 28 години ги раздвојуваше градот и државата,од 1961 до 1989, многу луѓе си го ризикувале својот животот сакајќи да отидат на другата страна.

Љубовта на Регина и Екхарт Албрехт се обидела да ја сруши тогашната идеологија и Студената војна и денес тие се во брак 45 години.

Екхарт бил студент по право во западен Берлин, а Регина живеела во источен Берлин. Се запознале во 1967 година на школски настан за татковците во источен Берлин. Откако Екхарт се вратил во западен Берлин, почнале да се допишуваат без да знаат дека шпионската служба Штази од источен Берлин им ги пресретнува и им ги чита писмата.

„Едно утро ме уапсија и ме одведоа во затвор на распит. Сакаа да знаат дали планирам да побегнам. Знаев дека ако кажам ‘да’, веднаш ќе ме фрлеа во затвор бидејќи тогаш и желбата да се оди во западен Берлин беше злосторство. Потоа ме прашаа дали го сакам тој човек, а јас им одговорив: ‘Имам само 18 години, не знам ни што е тоа љубов’. Тој одговор сосема ги збуни“, раскажала Регина.

Ја натерале да ја раскине врската и ја следеле во наредните шест месеци. Таа почнала да излегува со друг маж, но тоа било само маска зашто постојано била тајно во контакт со Екхарт. Се сретнале во Унгарија каде што Германците од источниот блок имале дозвола да патуваат.

Се договориле првин да завршат со студирање пред да бараат начин како да бидат заедно. Во почетокот на 1971 година Екхарт му платил на некој човек кој му ветил дека ќе ја прошверцува Регина низ тунел. Планот отпаднал. Сепак, нашле начин, па преку Романија, тогашна Југославија и преку границата со Австрија, Регина успеала да премине пикната во багажник.

По три дена, веста стигнала до Екхарт дека неговата сакана е во Салцбург.

„Таа беше таму, а јас бев пресреќен. Среќен сум до ден-денес.“, изјавил Екхарт.

Регина морала да лета до западен Берлин, а за тоа требало да ја прелета источна Германија. Стоела на аеродромот „Тепелхоф“ на само неколку метри од ѕидот поради кој поминала речиси 2.000 километри.

Ме дочекаа со чаша шампањ: „Добре дојде во западен Берлин и Република Германија’. Тоа беше прекрасен момент за мене“, рекла таа.

 

 

 

Scroll to Top