По подолг мониторинг на Програмата за заштита на балканскиот рис, која ја спроведува Македонско еколошко друштво (МЕД), сликана е мајка рис со младо на планината Јабланица, пичува Макфакс.
МЕД досега преку методот фотозамки има слики од три риса на Јабланица, но ова е првпат да има слика од мајка со рисче.
„Сликите ги добивме од ловечкото друштво „Черн камен“ од Вевчани со кое соработуваме две години. Ова е одличен податок кој покажува дека овој загрозен вид се размножува и надвор од неговото јадрово подрачје, а тоа е националниот парк Маврово„, изјави Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на балканскиот рис од МЕД.
Во рамките на Програмата за заштита на балканскиот рис постои мониторинг-мрежа составена од ловџии, шумари, ветеринари и љубители на природа, кои доколку видат или сликаат рис или жртва од рис, за тоа веднаш го известуваат во МЕД.
МЕД уште од 2008 година лобира Јабланица да стане национален парк поради богатите природни вредности, но и нејзината важност како биокоридор за крупни ѕверови, меѓу кои и критично загрозениот балкански рис.
Делот на Јабланица во Република Албанија е прогласен за национален парк уште во 2008 година.